Свет 20120322-085934

15 јануари, 2013

Д-р Дре најави нов музички сервис

Д-р Дре одлучил да претстави сопствен сервис за емитување музика. Американскиот MTV пишува дека раперот се здружил со претседателот на издавачката куќа Interscope, Џими Ајовин со кој ќе го изработат новиот серис под името Дејзи (Daisy). Сервисот на неговите претплатници ќе им овозможи пристап до каталог од 12 милиони песни. Ова е до сега најголемиот бизнис предизвик на Дре, кој финанскискиот магазин Форбс го прогласи за музичар со најголема заработка за 2012 годинаНајголемиот дел од неговата минатогодишна заработка од 110 милиони долари доаѓа од продажбата на неговиот бренд на слушалки, познатите Beats by Dre

Ајовин, кој заедно со Дре е и основач на компанијата Beats, за новиот сервис изјавил: „Го сакаме најдобриот можен квалитет на звукот и глобална покриеност. Ќе ги балансираме тие две работи.“ Тој додал и дека главниот мотив позади овој бизнис потфат е токму „подобрувањето на аудио квалитетот“, бидејќи смета дека постоечките сервиси нудат „лош или катастрофален звук“, како и тоа дека сега постојат „веќе цели генерации кои израснаа со инфериорен квалитет на звук“.

Овој „бизнис дует“ наводно во работата го вклучил и Иан Роџерс, поранешен директор на компанијата Topspin – платформа за онлајн маркетинг софтвер за музичари – кој е задолжен за координацијата на целиот проект Daisy. Роџерс изјавил: „Имаме можност да креираме музички бренд на кој може да му се верува. Да бидам искрен, проектот ќе го лансираме кога ќе биде подготвен, а веруваме дека тоа ќе биде во втората половина од годинава“.

Во октомври минатата година Фифти Сент изразил сомнеж за статусот на долгоочекуваниот нов албум на Д-р Дре, а во прашање е легендарниот „Detox“. Колегата Фифти смета дека Дре „губи интерес“ за ова издание, како и тоа дека е можно на крајот да издаде ЕП со пет-шест песни или едноставно серија од синглови. Третиот соло албум на Дре, наследникот на изданијата „The Chronic“ од 1992 година и „2001“ од 1999 година е „во процес на изработка“ веќе повеќе од десет години. Оригинално беше најавен за 2000 година, а потоа за 2010. Со ова сега веќе митско издание, во текот на годините медиумите поврзуваа добар дел од хип-хоп сцената, меѓу другите, како соработвници беа споменувани Еминем, Снуп Дог и Џеј Зи.

 Извор: NME



Врати се горе ↑