Настани cc64efe8-cb35-456a-ae84-c16de023d13d

26 мај, 2015

„Д фестивал“ збогатен со настапите на „ЗАА“, „Љубојна“ и „Бла бла бла“

Прв пат со тридневна програма, со камп и плажа на прекрасното дојранско крајбрежје, со над 30 изведувачи на повеќе бини и со голем број дополнителни активности, гости и изненадувања, „Д ФЕСТИВАЛ 2015“ веќе сигурно чекори кон прославата на својот скромен петти јубилеј кој ќе се одржи од 17 до 19 јули во Дојран. Дека ова издание на „Д ФЕСТИВАЛ“ претендира да биде највозбудливото доживување ова лето, говорат веќе најавените настапи на Кирил Џајковски и Ти-кеј Вондер, „Бед копи“, „Фолтин“, „Фулиш грин“, „Пи-ем-џи колектив“, „Културно Уметнички Работници“, „Баилдса“ и „Драм енд брас трио“, а кон оваа листа на изведувачи кои гарантираат незаборавни концерти на „Д ФЕСТИВАЛ„ се приклучуваат уште и „ЉУБОЈНА брас фантази“, „БЛА БЛА БЛА“ и „ЗАА“.

Првиот фестивалски ден, на 17 јули (петок) на главната бина на „Д ФЕСТИВАЛ“ ќе ги пречекаме секогаш енергичните ЗАА од Србија. Критиката овој бенд го оценува како своевидна концертна атракција, а препознатлив е по оригиналните и енергични настапи, кои се одликуваат со впечатлив танцов ритам во комбинација со вешти импровизации. Нивниот автентичен израз кој претставува микс од различни стилови – од ска и даб, до пост рок, џез и панк, ги прави „ЗАА“ единствена музичка појава на овие простори. Уште на почетокот на кариерата тие остварија значаен успех, освојувајќи ја третата награда на „Демофест“ (2009) во Бања Лука, а до денес имаат реализирано повеќе од 200 настапи ширум поранешна Југославија, но и во Австрија, Чешка и Унгарија.

 

Следниот ден, во сабота на 18 јули музичката програма на главната бина ќе одекне во традиционалниот македонски звук, кој на најдобар и уникатен начин го негува битолската група „ЉУБОЈНА брас фантази. Во овој состав групата неодамна беше актуелна со распродадените концерти насловени „Музика на дланка“ со кои на секое свое гостување и настап ја восхитуваа публиката. На нив Вера Милошевска Јосифовска и Оливер Јосифовски, со тајфата бројни соработници, правејќи пресек на досегашното музичко творештво, на извонреден начин успеваат да ја одведат публиката до срцевината и сончевината на македонскиот музички јазик.

 

На затворањето на јубилејниот „Д ФЕСТИВАЛ“, во недела на 19 јули, конечно ќе имаме чест да уживаме во настапот на скопскиот експериментален рок-состав БЛА БЛА БЛА кој по подолга концертна пауза, годинава повторно се враќа на сцената. Оформена во 1988, во време на политички немири, конфликт на интереси и прекројување на границите, „Бла бла бла“ е музичка група чие творештво се роди како отпор кон нездравата животна средина и уметничка креативна активност со цел да го разубави и оправда своето постоење. Во досегашната, речиси 30-годишна кариера „Бла бла бла“ експериментирајќи со различни музички стилови успеа да изгради свој препознатлив звук, благодарение на кој групата забележа успеси не само кај нас туку и ширум регионот.

 

Но ова не е сѐ! Во чест на скромниот петти јубилеј, „Д ФЕСТИВАЛ“ годинава ќе се одржи со програма која ќе се одвива на повеќе фестивалки бини. За ова издание на фестивалот да го запаметите како најдоброто досега, од 17 до 19 јули на „Д ФЕСТИВАЛ“, ќе се погрижат повеќе од 30 изведувачи во рамки на деноноќната тридневна програма која наскоро ќе биде целосно објавена.

Побрзај за промотивната понуда! Влезниците се веќе во продажба!

Започна продажбата на првите промотивни влезници за петтото издание на „Д ФЕСТИВАЛ“! Во рамките на претпродажбата достапни се тридневните фестивалски влезници кои вклучуваат и бесплатен камп, а чинат само 600 денари. Покрај овие, се продаваат и еднодневните влезници по цена од 250 денари (за петок и сабота) и 350 денари (за недела).

Претпродажбата ќе се спроведува до 1 јули и се однесува на ограничен број на влезници, па ги советуваме сите посетители кои ќе одлучат да бидат дел од јубилејната прослава на „Д ФЕСТИВАЛ“ и најдобрата летна фестивалска атмосфера кај нас, да бидат брзи за да ги искористат поволностите на овој контингент влезници. Кампот на „Д ФЕСТИВАЛ“ ќе биде отворен на 16 јули, веќе ден пред официјалниот почеток на програмата.

Влезниците можете да ги купите преку МКТИКЕТС или поточно во:

  • продажните салони на ONE во: Скопје (Ramstore, ТЦ Бисер, ГТЦ, ВЕРО Центар, Skopje City Mall) Куманово, Тетово,Гостивар, Битола, Охрид, Струга, Неготино, Кавадарци, Прилеп, Штип, Велес, Кочани, Струмица, Гевгелија;
  • во Скопје: Југотон (ГТЦ 1 кат), Универзална Сала, Тобако – МПМ ПРЕС, Тобако  Гоги – Драчево, Тобако 2 -Скопјанка, Тобако – Дрводекор, Супер Тобако 8;
  • во Тетово: Алпине Спорт;
  • во Охрид: Њу Тобако;
  • во Кавадарци: Ровим Ком;

и онлајн на: mktickets.mk/dfestival2015



Врати се горе ↑