Настани

1 февруари, 2019

„Д фестивал“ ви ги претставува „Нојзиа“ – драм-ен-бејс титаните на новото време!

Холандската музичка сензација и трикратни сопственици на наградите „Битпорт мјузик“, „Нојзиа“ (NOISIA) штотуку го потврдија својот настап за годинашното издание на „Д фестивал“ во Дојран, каде што славното драм-ен-бејс трио во сабота, 13 јули ќе ја предводи програмата на главната бина на фестивалот! Оригиналното, емоционално и технички опсесивно совршено трио кое доаѓа од Гронинген, повеќе од десет години е едно од најактуелните на светската сцена, a ова лето, со нивниот диџејски сет на „Д фестивал“, прогресивниот и секогаш препознатлив бејс-звук конечно пристигнува пред македонската публика!

Здружени од заедничката страст за прогресивност, техничка иновативност и безмилосна контрола на квалитетот, Ник Роус (Nik Roos), Мартејн ван Сондерен (Martijn van Sonderen) и Тејс де Флихер (Thijs de Vlieger), за само две години од објавувањето на нивните деби изданија во 2003, веќе се појавија на некои од најпрогресивните драм-ен-бејс етикети: „Мувинг шедоу“, „Сабтајтлс“, „Ренегејд хардвер“, „Шоган“, „Рем“ и многу други. Но дури и тогаш немаа претстава до која мера ќе се издигне успехот на нивната соработка, иако несомнено дека пред сите големи достигнувања секогаш постои визија. Па така, неслучајно дојде и до основањето на нивната сопствена етикета VISION од која излегоа големите хитови како „Stigma“,„The Tide“, „Dustup“ и „Exodus“, додека истовремено триото почна да прави ремикси за најголемите имиња на сцената како што се „Пендулум“, „Моби“, „Продиџи“, Марк Најт и Ејмон Тобин, а нивната музика ја објавуваат великани од калибарот на Џеј Зи и Скрилекс.

 

Иако веќе долго присутни, својот прв и целосно авторски албум го објавуваат во 2010 година. „Split the Atom“ настана како кулминација за седумте години студиски егзибиции, а светските хедлајнери започнаа немилосрдно да го „вртат“ ова издание, додека пак Дедмаус веднаш го објави во посебно реиздание на сопствената етикета „Маустрап“.

И веќе тогаш се чини дека целиот свет го насочи вниманието кон холандското трио бидејќи тие денеска се воедно и трикратни победници за најдобар драм-ен-бејс изведувач на музичките награди „Битпорт“, а својата музичка вештина започнаа да ја ангажираат и во други жанрови. Напишаа три песни за албумот на „Корн“ – „The Path of Totality“ – како и музичката позадина за видео-игрите како „Devil May Cry 5“, „Wipeout 2048“, „Gran Turismo“, „Ridge Racer“ и „SSX Snowboarding“, но и музиката за филмот „Трансформери 3“.

 

Во 2016 година се појави веројатно најсуштественото нивно достигнување досега, насловено „Outer Edges“: нивниот втор албум и перформативен концепт кој е толку визуелно издигнат, технички иновативен и уникатен што со леснотија подеднакво владее на фестивалските главни бини и во андерграунд клубовите.
И не застануваат тука. Веќе надминуваат нови граници и во студиската работа и на сцена, само со цел да се откријат следните предизвици во далечината на нивната визија. Бескомпромисното истражување продолжува, а овој јули со диџејскиот сет на „Нојзиа“ на „Д фестивал“, врвниот бејс-звук од прогресивната светска сцена пристигнува за првпат кај нас. Добро упатените во „драм-ен-бејс“ журките на фестивалот веќе знаат кој е краткиот заклучок: време е да ја подобрите кондицијата.

Најповолните билети се веќе достапни во акцијата РАН КОРМОРАН!

„Д фестивал“ оваа година ќе се одржува од 12 до 14 јули во Дојран, а првите билети со најповолната цена за единствената тридневна фестивалска авантура во Македонија, веќе се во продажба на сите благајни на МкТикетс и онлајн. Во оваа продажна етапa, достапни се фестивалските билети кои важат за целосната тридневна програма на „Д фестивал“, а кои чинат 600 денари (без кампување) и 650 денари (со кампување).



Врати се горе ↑