Настани d8fde7d2-e027-44a3-98e8-c165037c70af

17 јуни, 2015

„Д фестивал“ со комплетна програма на главната бина‏

Скромниот јубилеј на „Д ФЕСТИВАЛ полека се ближи до денот Д, кога од 17 до 19 јули ќе ги пречека своите посетители на тридневниот музички маратон во Дојран, со единствената фестивалска понуда летово. Подготовките за музичката програма на три фестивалски бини, со над 30 изведувачи, камп, плажа, кино проекции и различни дополнителни активности се речиси целосно завршени. Програмата на главната бина на „Д ФЕСТИВАЛ“ е веќе комплетирана и во рамките само на овој дел од фестивалот посетителите ќе имаат можност да уживаат во настапите на 17 реномирани изведувачи. Влезот за посетителите на главната бина на „Д ФЕСТИВАЛ“ ќе биде отворен од 18.30 часот, а почетокот на програмата е закажан од 19.30 часот.

Меѓу ѕвездите на главната бина во петок, 17 јули се контроверзното, немилосрдно и најпопуларно српско хип-хоп трио „БЕД КОПИ“ и легендите на рок сцената од овие простори, еден од најголемите белградски рок бендови„ЕЛЕКТРИЧНИ ОРГАЗАМ“. Покрај нив и за радост на сите фанови на енергичните настапи и жестокиот звук на домашната сцена, своето гостување го потврдија хардкор составот „Поинт бленк“ (Point Blank) и треш-металците „Фјурион“ (Furion) од Скопје, кои ќе ја отворат програмата за тридневниот музички маратон Д ФЕСТИВАЛ и со сигурност ќе ја разгорат атмосферата на главната бина. Првиот фестивалски ден публиката ќе има прилика да ужива и во настапите на еден од најуспешните скопски панк бендови„НОВИОТ ПОЧЕТОК“ и групата „Културно Уметнички Работници” која храбро го чува „фронтот“ на рок културата кај нас уште од 1999 година.

Саботната вечер на „Д ФЕСТИВАЛ“ на 18 јули во 19.30 часот на главната бина ќе започне со посебното концертно уживање кое го гарантира настапот на извонредно инвентивните и атрактивни „ФУЛИШ ГРИН“ (FOOLISH GREEN). По нив, централното место на фестивалот ќе биде домаќин на секогаш енергичните „ЗАА“ од Србија, по чиј настап главната бина ќе одекне и во звукот на модерно Скопје претставен од „ПМГ Колектив“. Извонредната и секогаш позитивна атмосфера на Д ФЕСТИВАЛ оваа вечер се заканува да остане како една од најзапаметените на фестивалот, благодарение на листата изведувачи која ги вклучува најдобрите имиња од домашната сцена, чии бои во Дојран ќе ги бранат култниот битолски состав „ФОЛТИН“ со својата уникатната живописна и танцувачка моќ и групата „ЉУБОЈНА Брас Фантази“ која на најдобар и уникатен начин го негува традиционалниот македонски звук. Кулминацијата на саботната треска на Д ФЕСТИВАЛ нѐ очекува со еден од предводниците на програмата, пионерот во промовирањето на електронската музика ширум Балканот КИРИЛ ЏАЈКОВСКИ кој ќе настапи заедно со извонредната и омилена на македонската публика ТИ-КЕЈ ВОНДЕР. Крајот на вториот фестивалски ден ќе биде традиционално одбележан и со настапите на најдобрите диџеи на Антена 5 Радио кои секоја година се задолжени за најразиграната атмосфера до изгрејсонце.

Последната фестивалска вечер, недела 19 јули, е резервирана за големата прослава на затворањето на јубилејното петто издание на „Д ФЕСТИВАЛ“ кога на главната бина ќе ја пречекаме ѕвездата на фестивалот, револуционерниот музичар, активист и еден од најважните гласови на светската музика МАНУ ЧАО! Овој музички гениј доаѓа на „Д ФЕСТИВАЛ“ со својата искрена и неверојатна енергија, за средба со омилената македонска публика со која негува уникатна сплотеност и љубов! Ману во Дојран ќе настапи со својата „Ла Вентура“, која, покрај него, ја сочинуваат уште и гитаристот Маџид, басистот Гамбит и тапанарот Гарбансито, а посебно за овој настап, тие доаѓаат и во проширен состав. „Ла Вентура“ во Дојран ќе биде засилена со музичари на дувачки инструменти за шестчлен состав еднакво силен како легендарната „Радио Бемба“! Покрај Ману Чао Ла Вентура, на затворањето на „Д ФЕСТИВАЛ“ ќе имаме чест да уживаме во настапот на скопскиот експериментален рок-состав „БЛА БЛА БЛА“ кој по подолга концертна пауза, годинава повторно се враќа на сцената, потоа енергичните „БАИЛДСА“ на кои првото издание на „Д ФЕСТИВАЛ“ им беше отскочна даска во балканската кариера, како и „Драм’ен’Брас“ (Drum’n’Brass) триото кое доаѓа здружено во обид да се избега од концептот на класичен диск-џокејски настап и да се направи нешто повозбудливо за публиката.

Настапите на изведувачите кои ќе ги претстави главната бина на Д ФЕСТИВАЛ ќе се одвиваат по следниот редослед:

17 јули 2015
Furion
Новиот Почеток
Културно Уметнички Работници
Point Blank
Elektricni Orgazam
Bad Copy

18 јули 2015
Foolish Green
ZAA
PMG Kolektiv
Фолтин
Ljubojna Brass Fantasy
Kiril Djaikovski ft. TK Wonder
Antenna 5 DJs

19 јули 2015
Drum`n Brass Trio
Blla Blla Blla
Baildsa
Manu Chao La Ventura

Наскоро очекувајте ја комплетната програма за втората и третата бина на фестивалот, која ќе биде посебно атрактивна, како и бројните дополнителни активности кои ќе се одвиваат во рамки на кампот за незаборавно искуство и дружење на посетителите на петтиот „Д ФЕСТИВАЛ“.

ПОБРЗАЈТЕ ЗА СПЕЦИЈАЛНАТА СТУДЕНТСКА АКЦИЈА „4+1“

Покрај промотивните фестивалски и еднодневни велзници, преку продажната мрежа на МКтикетс се спроведува и специјалната акција „4+1“ наменета исклучиво за студентите во Македонија. Во рамки на оваа акција за 4 купени фестивалски влезници, петтата влезница ја добивате бесплатно, како и гратис камп за сите петмина. Сѐ што треба да направите е да го соберете вашето омилено друштво, задолжително да носите студентска легитимација и да се упатите во едно од официјалните продажни места на „Д ФЕСТИВАЛ“. За оваа акција да биде уште подостапна, „Д ФЕСТИВАЛ“ ќе се погрижи и околу здружувањето на сите заинтересирани. Доколку не можете да се екипирате, за полесно да ги најдете вашите пајташи за на фестивалот и полесно да стигнете до единечна карта за тридневен фестивал која практично ќе ве чини 480 денари, задолжително следете ја официјалната фејсбук страница на „Д ФЕСТИВАЛ.

Фестивалските билети за тридневниот музички маратон на разумот од 17 до 19 јули, вклучувајќи го и сместувањето на ептен независниот камп, во претпродажба чинат 600 денари.

Претпродажбата ќе се спроведува до 1 јули и се однесува на ограничен број на влезници.

ЕДНОДНЕВНИ ВЛЕЗНИЦИ:
Ден 1 (17 јули) – 250 денари
Ден 2 (18 јули) – 250 денари
Ден 3 (19 јули) – 350 денари

ФЕСТИВАЛСКА ВЛЕЗНИЦА (+ бесплатен камп) – 600 денари
За деталите, посетете гo mktickets.mk .



Врати се горе ↑