Настани 5cc156d3-8f6d-4081-beb4-7586b32d7d18

15 јуни, 2015

„Д фестивал“ камп

Камп трет, најубав на свет

Во време кога кампот и шаторите добија сосема поинакво значење од она матичното – слобода, одмор, комплетна релаксација и природа, „Д фестивал“ реши да му го врати стариот сјај на шаторот како движнина во кој спиеш мирно меѓу дрва и воопшто не е важно каква боја ти е церадата.

Ви го најавуваме најубавиот камп на единствената фестивалска понуда летово. Истиот ќе биде отворен за постетителите на 16 јули, т.е. ден пред да почне официјалната програма на 5. „Д фестивал“, каде ќе настапат: Ману Чао Ла Вентура, Кирил Џајковски и Ти-Кеј Вондер, „Фолтин“, „Бед копи“ (Србија), „Љубојна брас фантази“, „Културно Уметнички Работници“, „Заа“, „Фулиш грин“, „Електрични оргазам“ (Србија), „Пи-ем-џи колектив“, „Оратница“ (Бугарија), „Џун“, „Бла бла бла…’, „Поинт бленк“, „Фјурион“ и многу други.

Кампот ќе биде сместен во прекрасниот парк на влезот во Стар Дојран. Во широкиот простор полн со сенка ќе биде поставена заградена камп зона во која посетителите на фестивалот ќе можат да уживаат во мирот на дојранското крајбрежје. Кампот е поставен непосредно покрај езерото, ја има целата потребна инфраструктура како струја, тоалети, тушеви, бежичен интернет… а со единствена цел посетителите безгрижно да го уживаат автентичниот фестивалски дух, во кампот ќе има храна и пијалок и основни намирници.

Во кампот ќе биде сместенa и втората фестивалска сцена на која на 18 и 19 јули, од 12 до 18 часот ќе има музичка програма со многу бендови. Покрај аудио понудата, посетителите на кампот ќе можат да гледаат филмови, изложби, да учествуваат во дебати, дискусии, поетски читања и многу активности во спортската зона со игралишта за кошарка, одбојка и што уште не. Во основа, забавно рекреативна програма ќе има за сите. Дел од кампот е и Зоната за граѓанска акција, каде што ќе се претстават најактивните формални и неформални организации, чие поле на делување доаѓа од повеќе сфери што го засегаат нашето општество.

За да им пружиме на нашите кампери фестивалска комоција и искуство за паметење, бројот на камп места е ограничен. Сите кои што немаат тридневна фестивалска влезница (600 ден. до 1 јули) во кампот ќе можат да влезат со камперска нараквица која ќе чини 200 ден.

ПРОМОТИВНА ЦЕНА НА ВЛЕЗНИЦИ (до 01.07)

Комплетна влезница за 3 фестивалски вечери + камп = 600 ден.

Фестивалски влезници (програма на паркинг Гранит)

– 17.07 – 250 ден.

– 18.07 – 250 ден.

– 19.07 – 350 ден.

*камперска нараквица – 200 ден.



Врати се горе ↑