За Вас cvetnici logo 3

18 март, 2016

„Цветници 2016“ на 23 април

Фолк-фестивалот „Цветници 2016“ ќе се одржи на 23 април, ден пред големиот христијански празник Цветници, по кој и го доби името. Како што велат од Македонската радио телевизија, која е организатор на фестивалот, конкурсот за избор на новосоздадени авторски песни, кои треба да бидат во духот на македонската фолклорна музичка традиција, веќе е завршен и сега е во тек подготовката на списокот на учесници.

Според пропозициите, еден авторско-изведувачки тим може да учествува на конкурсот со повеќе композиции. Фестивалот ќе биде во живо, со Големиот народен оркестар. Секоја композиција што ќе биде селектирана на конкурсот, ќе добие финансиски надомест од 42.000 денари за комплетниот авторско-изведувачки тим, распределени по 25% за музиката, текстот, аранжманот и за изведувачот на композицијата.

За конечниот пласман ќе одлучуваат гласовите од телефонското гласање и од стручното жири, во сооднос 50:50. Победничката композиција ќе биде наградена со сума од 600.000 денари, второпласираната со 450.000 и третопласираната композиција со 300.000 денари, распределени по 25% за музиката, текстот, аранжманот и за изведувачот на композицијата.

Минатата година, наградата за животно дело отиде во рацете на доајенот на македонската народна музика, Иван Терзиев, првата награда заслужено ја доби Благоја Грујовски, второнаградена беше групата „Соната“, а третата наградата ја добија Ленче Кукиќ и Благица Калева. Целиот фестивал можете повторно да го гледате на МРТ.

Извор: Вест / Фотографија: МРТ



Врати се горе ↑