За Вас Praseto koe sakase da bide ptica

9 февруари, 2016

Цртаниот филм на ОХО, „Прасето кое сакаше да биде птица“, помеѓу дваесетте најдобри во светот

Цртаниот филм „Прасето кое сакаше да биде птица“ е финалист на најпрестижниот светски фестивал за детска телевизиска продукција „При женес интернасионал“ (Prix Jeunesse International). Од 400 пријавени детски програми од 60 земји во светот, „Прасето кое сакаше да биде птица“  влезе во дваесетте финалисти во категоријата на играни програми за публика до 6 години.

Фестивалот „При женес“ или Оскарите за детска ТВ продукција, како што го нарекуваат во светот, се одржува 50 години во Минхен, Германија, а во последните десет години, Македонија преку ОХО е единствениот финалист од Балканот во која било од шестте категории.

Во изборот на финалистите учествуваа претставници на најпрестижните светски медиуми од ББС, ЗДФ, како и Австралиската телевизиска фондација, продуценти на големи продукции и анимациски студија како Ва Да Да, Зумабстико од Чиле, Ок Манки од Данска итн. На фестивалот досега меѓу финалистите биле и популарните детски програми: Маша и Медо, Улицата Сезам, Графало, Телетабиси, Дора-истражува и др.

„Прасето кое сакаше да биде птица“ досега беше емитуван на повеќе домашни и светски фестивали, како „Манаки“ во Битола, „Zlin Film Festival“ во Чешка, „Seoul Guro International Kids Film Festival“ во Јужна Кореа. Цртаниот филм го создаде креативниот тим на ОХО, продуцент Пеце Талески, сценарио и режија на Елеонора Венинова, анимацијата е на Симон Стојановски и Диме Ѓорѓиевски,  илустрации на Тхе Мичо, а музиката е на Мите Димовски.

Претставници од тимот на ОХО ќе присуствуваат на фестивалот во мај годинава, кога ќе биде и прогласувањето на победниците во секоја категорија.

 



Врати се горе ↑