Балкан

1 јуни, 2018

„Црната планета“ објави конкурс за 6. дел од „Balkan Under The Radar“

По успешно реализираните пет изданија од компилацијата со андерграунд-музика „Balkan Under The Radar“ и десетиците илјади преземања, издавачката куќа од Ниш – „Блек планет рекордс“ (Black Planet Records) – го отвори конкурсот за шестото издание.

Компилацијата „Balkan Under The Radar“ има за цел откривање на интересни имиња претежно од Србија, но и од останатите земји од просторот на поранешна Југославија. Покрај бендовите и индивидуалните музичари, на компилацијата ќе може да учествува кој било соло-уметник, проект или бенд што се вклопува во концептот на „напредната“ или forward-thinking музика што ја објавува „Црната планета“.

„Уште една од целите ни да ги помириме двете алтернативни струи кои често се делат на бендовска (свирачка) и електронска (продуцентска), бидејќи сметаме дека во музиката не треба да има ограничувања и поделби и дека сите алтернативци треба да бидат заедно“, велат од издавачката куќа.

Како и секогаш, условите за учество на конкурсот за оваа компилација се следните:

  1. песната да не е објавена досега;
  2. да не е подолга од 15 минути;
  3. да се вклопува во рамките на алтернативната/неконвенционалната (несекојдневна) музикa, без оглед на жанрот и
  4. изведувачот да е од просторот на поранешна Југославија/Балканот.

Компилацијата ќе биде издадена на веб-страната на „Фри мјузик аркајв“ (Freemusicarchive) со лиценцата „Криејтив комонс“ (Creative Commons) и, секако, ќе биде достапна за бесплатно преземање на Бендкепм. Ова е непрофитна, „направи сам“ приказна, без договори, без земање права врз музиката, а се реализира само од љубовта кон музиката, меѓусебната поддршка и со цел да се спојат луѓето со слични размислувања.

Композициите можете да ги испраќате на [email protected], а прифатливи се приватни линкови за стриминг или преземање во МП3 192kbs+ формат. Пожелно е да наведете кои сте, од каде доаѓате и името на бендот (проектот), а сето тоа треба да го направите најдоцна до 1 октомври 2018 година.

Компилацијата се издава на годишно ниво, а прехотдните изданија можете да ги преземете од овде или да ги преслушате овде.



Врати се горе ↑