21 мај, 2013

„Конкеринг лајон“ напаѓа со нов сингл!

Најпродуктивниот и респектиран македонски реге состав „Конкеринг лајон“ го лансира својот нов сингл насловен „Wicked Man”. Песната од вчера (20 мај 2013) е достапна за слободно преслушување и преземање преку официјалниот сајт на бендот www.conquering-lion.org.

„Wicked Man е носечкиот сингл кој го најавува новиот албум на „Конкеринг лајон“, насловен „Revelation”, кој ќе биде објавен преку „Пасворд продакшн“ оваа есен. Синглот кој се снимаше во „marryPhat Studio“ е продуциран од страна на Ивица Јанкуловски, додека за мастеринг се погрижи Фредерик Лино (Frédéric Luneau, Web Cam Hi-Fi) од Франција, кој веќе 15 години се занимава со продукција на реге музика.

Темата на песната се движи во едукативен правец против пирамидата на владеење и угнетувачите кои ја движат истата.
 

„Конкеринг лајо“н зад себе имаат два албуми „Conquering Lion – I” од 2009 и „Know Your Wisdom” од 2011 година. Нивните концертни активности се на повеќе од завидно ниво со неколку европски турнеи зад себе, но и со настапи на значајните фестивали како Spirit of Burgas, PIN Conference – Скопје, Dokufest – Призрен, NGOM Fest – Призрен, Trenchtown – Суботица. Годинава се дел од реномираниот INmusic фестивал во Загреб каде што ќе настапат заедно со Arctic Monkeys, Iggy And The Stooges, Basement Jaxx, Bloc Party и NOFX меѓу останатите. Овој викенд (24/25.05.2013) тие ќе бидат дел и од летното издание на Таксират фестивалот, односно од Аква Парк Фестивалот во Пробиштип, на кој публиката ќе има прилика да биде меѓу првите кои ќе ги чуе и новите песни на бендот од албумот во подготовка.



Врати се горе ↑