Настани

16 април, 2019

„Чудесната жена“ Гал Гадот на „Евровизија 2019“?

Ѕвездата на блокбастерот „Чудесна жена“ (Wonderwoman), израелската мисица и актерка Гал Гадот ќе ја видиме на претстојното 64. издание на „Евровизија 2019“, кое следниот месец ќе се одржува во Тел Авив. Веста дека ќе 33-годишната ѕвезда и некогашна Мис на Израел (2004) ќе биде дел од големото финале на 18 мај ја потврдија организаторите, притоа не откривајќи во кое својство ќе се појави таа.

За Гадот подолго време се шпекулираше дека ќе биде водителка на манифестацијата, но таа улога им припадна на израелскиот водител Ерез Тал и светски познатата манекенка Бар Рефаели.

Фотографија: Андрес Путинг

Меѓу бројните новитети што ги соопштија организаторите се и изведувачите што ќе настапат во ревијалните делови од трите фестивалски вечери. Традиционално, во првата полуфинална вечер на 14 мај ќе ја видиме минатогодишната победничка Нета Барзилаи, која шоуто ќе го отвори со нова верзија на победничката „Toy“, а потоа ќе го изведе и новиот сингл што треба да биде објавен кон крајот на месецов.

Мошне интересна соработка ќе имаат и евровизиските победници Кончита Вурст и Монс Зелмерлоу со вицешампионките Верка Сердучка и Елени Фуреира, кои меѓусебно ќе си ги пеат своите хитови, односно Кончита ќе ја отпее победничката „Heroes“ на Монс (2015), Монс ќе ја отпее второпласираната „Fuego“ на Елени од лани, Елени ќе ја отпее второпласираната „Dancing Lasha Tumbai“ на Верка од 2007, а Верка ќе ја пее „Toy“ на Нета. На крајот, сите тие ќе ѝ се придружат на Гали Атари за изведбата на победничката песна за Израел од 1979 година – „Halleluјah“.

Во првата полуфинална вечер и во големото финале ќе ја видиме и израелската победничка од 1998 година, Дана Интернејшнал. Во втората полуфинална вечер ќе настапи „Шалва бенд“, чии членови се дел од организацијата за лица со попреченост „Шалва“.

Иако најавен и потврден од нејзиниот менаџмент, се чини дека настапот на Мадона сè уште е неизвесен, односно нема официјална потврда од самите организатори на фестивалот.

Како и секогаш, евровизиската недела ќе биде отворена со воведна манифестација, а наместо на црвен, годинашните претставници ќе прошетаат по портокаловиот килим што ќе биде распослан на плоштадот Хабима во Тел Авив, а на крајот ќе се соберат на коктел пред аудиториумот „Чарлс Бронфман“.

Вкупно 41 земја ќе се натпреварува на годинашното, 64. по ред издание на популарниот европски фестивал, а нашата земја ќе прати свој претставник по 19. пат, откако за првпат се приклучи во натпреварот во 1998 година. Нашата претставничка годинава е Тамара Тодевска со темата „Proud“, а нејзниот настап ќе го видиме во втората полуфинална вечер на 16 мај. Среќно!

Извор и фотографии: EBU/KAN/eurovision.tv



Врати се горе ↑