Балкан

9 јули, 2018

„Човек без слуха“ провоцира со автобиографскиот сингл „И после свега (одј*би)“

Српскиот панк-рок бенд „Човек без слуха“ (ЧБС) деновиве го овјави провокативниот автобиографски сингл и видео со наслов „И после свега (одј*би), како најава за новиот албум кој наесен на цеде ќе го објави промотерската куќа „Лонг плеј“.

„Песната настана еден ден кога конечно се разбудив од многу грд сон што зазеде добар дел од мојот живот. Познато е дека моите песни се претежно автобиографски, а овој пат не сакав многу да користам метафори, туку со јасен став и едноставни зборови да застанам зад и да проговорам во име на сите оние кои доживеале добрината да им се одбие од главата“, вели пејачот и гитарист на „ЧБС“, Мики Радојевиќ.

Фотографија на Covek Bez Sluha - Official.

Пораката на песната е дека „Вселената, дури и после нечие најлошо животно сценарио, се грижи за рамнотежата меѓу ѕвездите“, а Радојевиќ признава дека зборот од*би „сам по себе е малку скокотлив“, но истакнува дека српскиот јазик „заради скромниот фонд на зборови доста ги ограничува поетите, кои понекогаш едноставно се принудени да се снаоѓаат за да ја погодат целта“.

„Од друга страна, во време кога 24 часа на ден на јавните фреквенции гледаме реални програми и бескраен репертоар на псовки какви што ни кочијаш не би измислил, да се рече дека ’од*би’ е псовка, во најмала рака би било лицемерно“, истакнува Радојевиќ.

Фотографија на Covek Bez Sluha - Official.

Во морето видеа што се потпираат на комбинацијата на црни позадини, неонски светла и стробоскопи, бендот „Човек без слуха“, кој заедно со Радојевиќ го сочинуваат и тапанарот Владимир Лазаревиќ Луне, басистот Миодраг Здравковиќ Микица и гитаристот Сава Мировиќ, сакаше визуелниот идентитет на првиот најавен сингл за новиот албум да биде колоритен и видеото доследно да го испрати текстот на песната, за што самиот Радојевиќ се погрижи како сценарист и режисер.

Во видеото се појавуваат пријатели на бендот, како што е актерот Златко Ракоњац (Анѓели 3), музичкиот менаџер Драган Новичиќ (насилникот од неодамнешното видео за „Шамарчина“ на „И-плеј“) и младата академска сликарка Ивана Милентијевиќ. Радојевиќ истакнува дека „не постои доволно големо благодарам за оваа тројка“.

„Драган е огромен љубител на ММА спортови и од прва рака знае како изгледаат ’опасни момци’, така што совршено ја одигра својата улога. Златко, невиден обожавател на панк-рокот, по првото преслушување на песната изјави дека веќе се гледа себеси во видеото и дојде на сетот подготвен да даде сè од себе, па со своето искуство и умешност навистина многу ни помогна. Ивана заблеска во полн сјај. Баравме природно убава девојка која изгледа одмерено и културно, а најдовме неоткриен актерски талент“, објасни Радојевиќ.

За продукцијата, монтажата и камерата беше задолжен Рале Петровиќ и продукцијата „Ракс медија“, за фотографиите Зоран Лазаревиќ, а на шминката работеше Оља Радојевиќ. Како изгледа и звучи сето тоа дознајте во продолжение. Уживајте!



Врати се горе ↑