Аудио 4.Zdravko Čolić photo by Nebojša Babić

20 ноември, 2013

Чола го најави новиот албум со „Што ти дадох“

Здравко Чолиќ го претстави својот нов сингл со кој го најавува неговиот четиринаесетти по ред студиски албум насловен „Ватра и барут“, а темата насловена „Што ти дадох“ ја потпишува Антонија Шола, која заедно со Марсел Бензон е композитор на музиката, додека аранжманот е на Никша Братош. Претстојниот албум „Ватра и барут“ содржи дванаесет нови песни за кои поголемиот дел од текстовите ги напишаа Момчило Бајагиќ Бајага и Марина Туцаковиќ со учество на самиот Чола, а како соработници за прв пат се појавуваат автори од Загреб и Сараево. Продукцијата и аранжманите ги направи проверениот соработнички тим на Чола составен од Воја Аралица и Никша Братош.

Како и на претходниот албум, славниот пејач и овој пат ја прифати улогата на композитор и компонираше девет од дванаесетте нови песни, како што се „Есма“, „Ватра и барут“, „Сарајево“, „Љубити“, „Опуштено скроз“, „Шок-шок“, „Не говори ми да ме више не волиш“, „Слављеничка“, „Рио“ и други. Новите соработници на овој албум се хрватските кантавтори Антонија Шола за песната „Што ти дадох“ и Бруно Ковачиќ за „Само причај“, како и Маја Сар од Сараево за темата „Зар се нисмо схватили“. Веќе сме навикнале на албумите на Чола да има специјални гости, како што беше Горан Бреговиќ на претходното издание, а овој пат еден од колегите кои гостуваат на новото издание е и нашиот гитарски виртуоз Влатко Стефановски, кој гостува во насловната тема „Ватра и барут“ и песната „Зар се нисмо схватили“ од сараевската авторка Маја Сар.

Фотографиите за обвивката на новиот албум ги направи Небојша Бабиќ, а дизајнот е дело на белградското студио Orange. Во следните денови, Чола ќе настапи во Минхен (23-ти ноември) и во Виена (7-ми декември). Новиот сингл можете да го слушнете во продолжение.

 



Врати се горе ↑