Концерт

30 јуни, 2017

Чик Корија и неговиот „Електричен бенд“ в недела во Скопје

Легендарниот џез-состав „Чик Корија електрик бенд“ (The Chick Corea Elektric Band) викендов ќе гостува Скопје, а концертот е закажан за недела, 2 јули, во арената „Метрополис“ во 21 часот.

Станува збор за едно од најголемите живи имиња во сферата на џез-музиката, кое изврши силно влијание врз развојот на овој уметнички жанр. Славниот пијанист и композитор Чик Корија гостуваше во Скопје, во рамките на Скопскиот џез-фестивал во 2009 година, но сега доаѓа со бендот со кој што создаде вистинска духовна, уметничка револуција – Дејв Векл на тапани, Џон Патитучи на бас, Ерик Мариентал на саксофон и Френк Гембејл на гитара.

„Чик Корија електрик бенд“ токму во ваков состав, го издадоа нивниот истоимен деби албум во 1985 година во кој се соединуваат џезот, рок-музиката, латино-музиката, фанкот. Албум кој и тогаш, а и денес сè уште, звучи прогресивно, иновативно, авангардно, издание кое изврши огромно вијание не само врз понатамошниот развој на џезот, туку и врз хип-хопот и електронската музика.

Американскиот џез-фјужн тапанар Дејв Векл е лидер на „Дејв Векл бенд“, на њујоршката џез сцена се појавува раните 80-ти години и веднаш почнува да соработува со имиња како Мадона, Пол Сајмон, Џорџ Бенсон, Мишел Камило, Ентони Џексон, но неговата популарност ќе процвета токму со влезот во „Чик Корија електрик бенд“.

 

Влезниците за концертот на легендарниот џез-состав се веќе во продажба преку продажната мрежа на „Купи карти за сè“, а цените се движат од 990 до 3.000 денари.



Врати се горе ↑