Концерт чик

10 март, 2017

Чик Корија и неговиот „Електричен бенд“ на 2 јули во Скопје

Легендарниот џез состав предводен од култниот џез пијанист, Чик Корија (Chick Corea) и неговиот „Електрик бенд“ (Electric Band) на 2 јули ќе гостува во арената „Метрополис“ во Скопје. Во рамките на оваа ексклузивна светска турнеја и македонската публика за прв пат ќе има можност да го слушне во живо проектот, кој засекогаш ќе остане како дел од музичката револуција во џез музиката.

„Чик Корија електрик бенд“ е еден од неколкуте џез состави кои дефинитивно внесоа револуција во самата уметничка форма во џез музиката. Нивниот истоимен деби албум од 1985 година пристигна како гром од ведро небо, фузирајќи неколку музички правци: џез, рок, латино и фанк.

Овој класичен квинтет во состав: Чик Корија –пијано, Дејв Векл – тапани, Џон Патитучи – бас, Ерик Мариентал – саксофон и Френк Гембејл – гитара, во текот на осумдесеттите и деведесеттите години издаде неколку албуми, кои што извршија огромно влијание – од хип хоп музиката, до сите најдобри џез музичари  на денешнината.

Армандо Ентони Корија е пијанист, композитор и лидер на бендот, како и еден од уметниците со најголем број на номинации во историјата на наградите „Греми“ ( дури 63 номинации и 22 освоени награди), кој компонира музика од класичен стил до авангарда, од би-боп до џез-рок фузија, од детски песни до камерни и симфониски дела… Или како што „Њујорк тајмс“ го дефинира: „Чик е светлост на врелата и вечна младост!“

 

Сите информации за продажбата и цените на влезниците организаторот ги најавува наскоро.



Врати се горе ↑