Свет ocekuvani-albumi

3 јануари, 2014

Чии албуми се очекуваат во 2014 година?

2013-та ја оставивме позади себе, па сега е време да видиме што сè нè очекува во текот на оваа 2014 година на светската музичка сцена. Долгоочекувани, задоцнети или не многу најавувани се придавките со кои можеме да ги опишеме претстојните студиски изданија. Дел од нив веќе имаат познати наслови и датуми на издавање, а дел од нив ќе бидат соопштени подоцна.

На самиот почеток од годината, за 21-ви јануари е закажан петтиот студиски албум  на британската музичарка Софи Елис-Бекстор, а изданието насловено „Wаnderlust“ ќе го наследи „Make a Scene“ од 2011 година. Како прв сингл во ноември беше претставена темата „Young Blood“, а нејзиниот видео запис можете да го видите во продолжение.

 

Меѓу задоцнетите и долгонајавувани изданија е и петтиот студиски албум на американската пејачка Ашанти, која албумот „BraveHeart“ го најавуваше за 4-ти јуни минатата година, но според последните (се надеваме и конечни) информации изданието ќе стигне на 4-ти март, а како најавни синглови беа претставени песните „Never Should Have“  и „I Got It“ со Рик Рос.

Малку покомплицирана е ситуацијата со  претстојниот шести студиски албум на Крис Браун – изданието насловено „X“ беше презакажувано неколку пати во текот на минатата година, последниот термин беше во ноември, а сега познато е само дека ќе биде објавен во текот на годинава. Како најавни синглови беа претставени темите  „Fine China“ и „Don’t Think They Know“како и соработката со Ники Минаж за темата „Love More“, а неодамна беше претставен и четвртиот сингл „Loyal“, кој можете да го слушнете во продолжение.

 

Р&Б дивата Мараја Кери на новогодишната ноќ го најави новиот сингл за 14-ти февруари, а четиринаесеттиот студиски албум „The Art Of Letting Go“ ќе пристигне на пролет. Уште една дива која на спектакуларен начин се врати на музичката сцена, Лејди Гага во ноември минатата година го објави мултимедијалниот албум „ARTPOP“, а со оглед на тоа што пејачката своевремено изјави дека за албумот подготвила 50 песни, не треба да нè изненади фактот што во текот на годинава ќе пристигне и неговото продолжение, односно „ARTPOP: Act II“.

Сè уште нема детални информации ни за дванаесеттиот студиски албум на австралиската „џебна Венера“ Кајли Миног, која единственото музичко парче што го претстави во изминатата година беше темата „Skirt“, која ја претстави на својот роденден. Според неодамнешните објави на нејзиниот Твитер профил, пејачката најави дека наскоро ќе пристигне нејзиниот нов сингл кој веројатно ќе го носи насловот „Into The Blue“

По филмот „Tropico“ и истоименото ЕП издание, Лана Дел Реј во текот на годинава ќе го претстави нејзиниот трет студиски албум насловен „Ultraviolence“, а се очекуваат и новите изданија на  Ники Минаж, Рик Рос, Канје Вест, Адел, Брус Спрингстин, Стиви Вондер, како и легендарниот ирски бенд U2, кој неодамна се врати на музичката сцена со темата Ordinary Love“ од филмот за Нелсон Мандела, која доби и номинација за „Златен глобус“, а нивниот тринаесетти, сè уште неименуван студиски албум наводно ќе биде објавен во април.

 



Врати се горе ↑