Настани banner 2

19 ноември, 2015

Четврто издание на „Skopje Body Mind and Spirit Festival“

Фестивалот за здравје и уметност на живеењето „Skopje Body Mind and Spirit“ го доживува своето четврто издание. Овогодинешниот фестивал со својата целодневна програма ќе се одржи на 21 ноември 2015 година во „Сити хол“ со почеток од 12 часот, а ќе трае сè до 00.00 часот.

Следејќи ја веќе четиригодишната традиција, и оваа година основната идеја на „Body Mind and Spirit“ е здравиот и правилен развој на луѓето, и тоа таргетиран од три аспекти: Тело, Ум и Дух, па така и овогодинешната едукативна програма ги обединува овие теми преку неколку внимателно одбрани предавања.

Во рамките на програмата м-р Билјана Пешева од организацијата „Art of Living“ ќе сподели практични совети и техники за ослободување од секојдневниот стрес преку трансакциска анализа, додека пак Марина Анчевска, која е веќе докажан тренер, бизнис и лајфстајл коуч, како и мотиватор и говорник, ќе одржи предавање насловено „Менаџирај се себеси“, преку кое ќе се обиде посетителите да ги извади од зоната на комфортот и ќе ги насочи кон постигнување на посакувана цел. Исто така, во рамки на едукативната програма предвидено е и интересно предавање на тема „Економските придобивки од садење домашен коноп за производство на хартија“ од Филип Достовски, основач и претседател на здружението „Зелена алтернатива“, а инструкторката по таи чи чуан и чи кунг – Данче Сиљановска ќе се обиде преку масовно вежбање на таи чи чуан да ги доближи овие боречки вештини до присутната публика.

Новитет оваа година е и тоа што фестивалот „Skopje Body Mind and Spirit“ за првпат нуди и музичка програма, која ќе започне од 20.00 часот, а ќе трае сè до затворање на фестивалските врати на полноќ.

Во рамките на музичката програма свој настап ќе имаат музичкиот и културолошки проект на македонскиот византиски хор „Хармосини – ХАРМОСИНОПОЛИС“, потоа Гоце Стевковски Секстет, еден од најреномираните перкусионисти од земјава со својот состав проверени џез музичари, како и познатиот македонски свинг-џез бенд „Летечки пекинезери“.

Влезот за едукативната програма е бесплатен за сите посетители, додека пак за музичката програма ќе се наплаќа влезница од 100 ден. за сите музички концерти.

Повеќе информации на www.bms.mk и на Фејсбук.



Врати се горе ↑