Концерт

16 јануари, 2018

Четкар за првпат ќе настапи со септет од познати македонски музичари во „Станица 26“

Концертната агенција и продукција „3Гонга“ Ве поканува на концертна свирка (Градска сесија бр.8) на македонскиот џез и фанк-гитарист Владимир Василевски – Четкар на 17 јануари со почеток во 21.30 часот во ноќниот клуб „Станица 26“.

Музичарот за првпат ќе настапи во Македонија со септет, составен од познати македонски музичари како: Ѓоле Максимовски на бас, Филип Стевановски на тромбон, Борислав Веселинов на тенор-саксофон, Демир Катуровски на труба, Виктор Филиповски на тапани и Гордан Спасовски на клавијатури.

Четкар, кој живее и работи во Њујорк, а музицира буквално низ целиот свет и досега има настапувано на сите светски релеватни џез фестивали и клубови, не сака да го скрие големото задоволство што настапува на домашен терен со извонредни македонски музичари:

Го познавам добро тимот кој стои зад ’3Гонга’ и знам дека станува збор за исклучителни познавачи на музиката, кои работат со голема посветеност и љубов. Има голем ентузијазам и кај мене и кај нив за оваа наша соработка и воопшто не се сомневам дека ова ќе биде еден прекрасен концерт. Досега во Македонија најчесто сум настапувал со секстет, квартет или трио, а ова ќе биде за првпат да настапам тука со септет. Ќе свирам своја авторска музика и аранжмани од моите два албума, а ќе отсвирам и неколку композиции, кои оваа година ќе се најдат на мојот трет студиски албум“, вели Четкар.

Инку, Владимир Василевски има завршено музичка продукција, аранжман и џез гитара на престижниот Беркли колеџ во Бостон, САД. Дипломец е на отсекот за современо пишување и продукција. Иако гитарата е неговиот избран инструмент, својата првична музичка наобразба ја започнал како виолинист и ова знаење многу му има помогнато подоцна, бидејќи денес една од неговите аранжерски специјалности е токму аранжирање за гудачки секциии.

Како автор и продуцент на својата музика, Четкар има огромен круг музичари од целиот свет со кои соработува. Постојано свири со нови музичари од различни краишта на светот и со самото тоа неговата музика секогаш звучи свежо и има разнолик шарм.

Музика на Четкар е дистрибуирана и промовирана во повеќе земји и тоа за најпознатите музички куќи во светот за џез, фанк и соул како „Пи-вајн рекордс“ (P – Vine Records) и „Би-би-кју рекордс“ (BBQ Records) во Јапонија, „Ворнер мјузик Кореја“ (Warner Music Korea) и „Си-енд-ел мјузик“ (C&L Music) во Јужна Кореја, „Хитмен џез рекордс“ (Hitman Jazz Records) во Тајланд и Југоисточна Азија, „Соул брадр рекордс“ (Soul Brother Records) и „Експеншн рекордс“ (Expansion Records) во Англија, „Њутаун рекордс“ (Newtown records) во Австрија/Германија, „Срја рекордс“ (Surya Records) и „Дајмонд рекордс“ (Diamond Records) во Италија…



Врати се горе ↑