Видео

12 јули, 2019

Четкар го претстави видеото за „Going Home“

Во пресрет на утрешната концертна промоција на новиот албум, Владимир Четкар го претстави видеото за насловната тема „Going Home“, која се снимаше во Њујорк и во родниот Охрид. Музичарот и овој пат ги здружи силите со режисерот Борче Димоски, чиј потпис стои и на претходните три екранизации од ова издание, а продукцијата е на „Хармонија продакшнс“ (Harmonia Productions LLC).

Освен што ја отпеа, Четкар се потпишува и како комплетен автор на песната (текстописец, композитор, аранжер, оркестратор, диригент, гитарист и придружен вокал), а во нејзиното создавање учествуваа и Маја Чоуз (копродуцент), Бојан Дугиќ (микс), Френк Мерит (мастер, во студиото „Карвери“ во Лондон), Чејс Потер (виолина), Вил Маршал (виолина), Кристина Кис (виола), Морин Кели (виолончело), Владан Мијатовиќ (клавијатури), Џејмс Кинлан (бас) и Нолан Брд (тапани), а сето тоа го сними Тод Кардер во студиото „Банкер“ во Њујорк.

Како што споменавме, новото видео доаѓа еден ден пред концертната промоција што ќе се одржи утре на плажата „Бонанца“ во Охрид, а овој традиционален концерт на зајдисонце воедно е и јубилејно петто издание на „Вино и џез“. Дел од кадрите во новото видео се снимени токму во „Бонанца“ и кај Плаошник, како симбол за родниот крај каде што Четкар копнее да се врати… „Сум бил низ целиот свет, но слаткиот дом ме вика… подготвен сум, одам дома!“, пее тој, а како изгледа „Going Home“, дознајте во продолжение. Уживајте!



Врати се горе ↑