Свет pochina-vitni-hjuston-73634

11 февруари, 2016

Четири години без Витни Хјустон

На денешен ден, пред точно 4 години почина Витни Хјустон, на возраст од 48 години. Познатата дива, која до ден денес важи за еден од најдобрите женски вокали воопшто, трагично го загуби животот вечерта пред свечената церемонија на доделувањата на наградите Греми во 2012 година, а после низата шпекулации за причината за нејзината смрт, беше објавено дека пејачката се удавила во хотелската када, но дека за смртта придонеле и болеста на срцето и употребата на кокаин.

За жал, слична судбина доживеа и нејзината единствена ќерка Боби Кристина, која ја имаше од бракот со раперот Боби Браун. Во февруари минатата година, таа беше пронајдена во када без знаци на живот, а после неколкумесечна кома, почина на 26 јули, на возраст од само 21 година.

Витни Хјустон продаде околу 200 милиони албуми, а според податоците на Гинисовата книга на рекорди, пејачката освоила 415 признанија, меѓу кои две Еми, шест Греми, 30 Билборд музички награди и 22 Американски музички награди. Нејзиниот албум „Whiney“ беше првиот албум од женски изведувач кој дебитираше на првото место на Билборд топ листата.

Таа е единствената пејачка на светот која имала седум едно по друго број 1 хитови на Билбордовата листа, а тоа се: „Saving All My Love For You“, „How Will I Know“, „Greatest Love Of All“, „I Wanna Dance With Somebody“, „Didn’t We Almost Have It All“, „So Emotional“ и „Where Do Broken Hearts Go“, а нејзината најпозната песна е баладата „I Will Always Love You“, која беше дел од филмот „Телохранител“ од 1992 година.

 

 



Врати се горе ↑