Настани centar-za-kultura-bitola

30 јануари, 2015

Центарот за култура – Битола со богата програма ќе одбележи јубилеј од 35 години

Центарот за култура – Битола со повеќе културни манифестации од меѓународен, државен и локален карактер ќе ја одбележи 35-годишнината од основањето на оваа национална установа. Како што посочи Борче Димитровски, директор на НУ Центар за култура-Битола, со поддршка на Mинистерството за култура ќе ги организираат трите интернационални фестивали „Монодрама-Битола 2015“, „Фестивал на музика од Светот“ и „Илинденски денови“, а како коорганизатор ќе се појават и на други важни настани.

„По возобновувањето, камерниот оркестар на Битола годинава ќе одржи четири концерти, а ќе го возобновиме и дувачкиот оркестар со што ќе врати уште една музичка традиција на Битола. Нивниот концерт веќе е закажан за 1 март. На кус рок, првиот атрактивен музички настан ќе се одржи на 14 февруари кога во Битола концерт ќе приреди Дуке Бојаџиев. Заедно со него ќе настапат и битолчаните кои живеат во Њујорк, Крсте Роџевски-вокал и Исмаил Лумановски-кларинетист заедно со гостинот Мат Килмер-перкусии“, посочи Димитровски.

Димитровски го најави и фестивалот на независна музика „Битолски земјотрес“ кој ќе се одржи на 21 февруари во поранешната сала за свадби, како и концертот на Гоце Стефковски, врвен тапанар во придружба со репрезентативни македонски музичари, што ќе се одржи на 14 март во Центарот за култура.

„Првата четвртина од оваа година ќе ја заокружиме со промоција на новиот албум на групата ’Фолтин’ чиј издавач ќе биде нашата национална установа и со Интернационалниот фестивал на монодрама, за чие 17. издание има голем интерес. Затоа ќе извршиме посебна селекција пред утврдувањето на програмата“, нагласи Димитровски.



Врати се горе ↑