Настани havana

26 мај, 2015

Целовечерна хип-хоп сеанса во летниот клуб „Хавана“

Сик Џекин (Сајко рилм) од Лос Анџелес, Слејн (Ла кока ностра) од Бостон и Дени Дијабло (Скархед) од Њујорк, заедно со скопските „Зад аголот“ ќе настапат во „Хавана“ на 12 јуни (петок). Искусниот состав ќе оддржи целовечерна рап лекција, а честа на македонската хипхоп сцена ќе ја брани скопскиот колектив „Зад аголот“. Настапот на претставниците на 3-те влијателни хип-хоп школи од повеќе страни на САД е дел од европската „The Violent Voices Tour“. Свирката почнува во 21 часот.

Сик Џекин (Sick Jacken) е активен на хип-хоп сцената во Лос Анџелес повеќе од 25 години. Неговиот состав „Сајко рилм“ (Psycho Reаlm) во деведесетите веднаш беше забележан од Би-риал (B-Real) од „Сајпрес хил“ (Cypress Hill), па албумот „The Psycho Realm“ од 1997 година беше издаден со забелешка дека бендот припаѓа на семејството на „Сајпрес хил“. Стиховите на Сик Џекин најчесто ја застапуваат борбата против насилството, против социјалната неправда и корумпираните власти.

Џорџ Карол (George Carroll), повеќе познат како Слејн (Slaine), е претставник на бостонската хип-хоп сцена. Дел е од „Спешл тимз“ (Special Teamz) и хип-хоп супер-групата „Ла кока ностра“ (La Coka Nostra), состав во кој членуваше и Еверлест (Everlast), фронтменот на „Хаус оф пејн“ (House of Pain).

Дени Дијабло (Danny Diablo) е њујоршки андерграунд артист, чие поле на интерес се хип-хопот и хардкор панкот. Потекнува од порториканско/еврејко/полско семејство, важи за класично улично дете од Квинс, а покрај музичката кариера, црта графити, глуми и повремено работи како модел. Активен е од 1994 година, а до 1998 имал сериозни проблеми со законот, по што решава да се рехабилитира со музика. Соработувал со многу андерграунд имиња од Квинс, а работел и како продуцент.

„Зад аголот“ е скопски хип-хоп колектив кој дејствува на повеќе фронтови. Функционираат како неформална дружба, како бенд, како продукција и како екипа која се грижи за квалитетниот хип-хоп во Скопје. Настапувале низ цела Македонија, а во моментов работат на нов материјал, кој треба да биде спакуван во веќе најавениот албум „Зад шпиунката“.

Настанот е во организација на „Фет брајд“ (PhatBride)  и „Пасворд продукција“, а информации за билетите, чија претпродажна цена е 200 денари (на врата 300 ден.) можете да најдете на mktickets.mk



Врати се горе ↑