За Вас Press_Zoo 4

8 мај, 2014

Цело лето забава во Зоолошката градина со првиот Детски ЗОО Фест 2014

На прес конференција одржана во Зоолошката градина во Скопје, единствената Зоолошка градина во Републиката и една од најубавите на Балканот, беше најавен проектот „Детски ЗОО Кидс Фест 2014” – забавен и едукативен фестивал наменет за најмладите, кои во текот на секоја сабота до месец oктомври ќе имаат можност покрај стандардните забавни содржини, да се забавуваат со овој уникатен детски фестивал.

Фестивалот „Детски ЗОО Фест 2014” e замислен како едукативно-забавен настан кој ќе се одржува секоја сабота од 11 до 13 часот. На фестивалот ќе настапуваат децата учесници на популарниот детски фестивал „Поточиња” кои ќе ги пејат своите најголеми хитови. Како дополнителна забава за присутните ќе биде можноста да научат дел од модерните танци заедно со Танцовиот клуб „Сонриса” чии инструктори од сцената ќе ги покажуваат карактеристичните движења за сите популарни танци. Конечно, едукативна нота на целиот настан ќе дадат аниматорите од Сè За Роденден, кои за децата имаат подготвено различни едукативни содржини, игри, натпревари како и посебен шатор во кој ќе се откриваат посебни таленти. Инспирирани од животните, игрите ќе ги забавуваат децата но и ќе ги учат за животните кои се „станари” на Зоолошката градина во Скопје.

”Зоолошката градина одлучи да биде домаќин на првиот Детски ЗОО Фест, кој веруваме дека ќе ги освои децата со својата забавна програма, но и со можноста да учат за животните. За нас е многу значајно, покрај децата, воопшто граѓаните да чујат конкретни и точни информации за животните кои се „станари” на Зоолошката. Ние имаме навистина уникатни видови за кои веруваме дека посетителите можат да знаат повеќе информации и да се запознаени со нивните уникатни карактеристики”, изјави Дане Кузмановски, портпарол на Зоолошката градина.

Водител на фестивалот ќе биде популарниот водител и шоумен Марко Новевски, кој ќе се погрижи децата да имаат незаборавни искуства во импровизираната џунгла во Зоолошката градина. Дополнително, целиот настан е поддржан од Македонската Радио Телевизија која секој фестивалски ден ќе го емитува под наслов „Распеана Зоолошка”.

Со овој настан, Зоолошката градина во Скопје го најавува незаборавното лето кое го подготвува за најмладите, со желба што повеќе дечиња да дојдат и да се дружат со животните, но и да се забавуваат и едуцираат бидејќи едукацијата преку забава е најуспешниот начин на стекнување знаења.



Врати се горе ↑