Балкан svetlana-ceca-raznatovic-1371072468-324681

8 јули, 2013

Цеца како судија во „X Factor“?

Балканската ѕвезда Светлана Цеца Ражњатовиќ можеби ќе биде судија во најгледаната музичка емисија во светот „X Factor“. Како што пренесува српски Курир, претставници од продукцијата МБК која ќе го реализира овој проект, сакале пејачката да биде дел од жирито на овој натпревар, кој ќе започне да се емитува во октомври на ТВ Пинк.

„Цеца го исполнува првиот услов на продуцентите бидејќи никогаш не била судија во ниту еден музички натпревар. Идејата многу ѝ се допадна, но сè уште не го дала својот одговор“ – вели изворот за гореспоменатиот весник. Нејзиниот продуцент Александар Милиќ Мили убаво соработувал со продукцијата МБК кога работеле на емисијата „Јас имам талент“. Единствената причина поради која пејачката не би била дел од овој проект е најавената турнеја и бројните обврски по објавувањето на новиот албум.

Покрај Цеца, продукцијата имала желба во улога на судии да се појават и Северина и Горан Бреговиќ. Веќе бил потпишан договор со два члена, чии имиња се чуваат во тајност. Но, тоа ќе се дознае наскоро бидејќи аудициите ќе започнат во август.

„X Factor“ се разликува од другите музички емисии со тоа што натпреварувачите се поделени во четири групи – мажи, жени, постари од 25 и групи, односно бендови. Натпреварувањето е поделено во неколку сегменти: аудиции, подготвителен капм, куќа на судиите, а потоа започнуваат емисиите во живо, каде што одлуката за финалистите ја носат гледачите. Победниците добиваат договор со Sony Music и SyCo Entertainment,   сопственост на познатиот Сајмон Коуел.

Леона Луис, Шер Лојд и Сузан Бојл се прославија токму преку учеството на овој музички проект, a на спрското издание од емисијата можеби ќе се пријават и кандидати од Македонија.



Врати се горе ↑