Настани pretstava 1

24 декември, 2015

„Будење на пролетта“ во „Интимен театар“ во Битола

Премиера на претставата „БУДЕЊЕ НА ПРОЛЕТТА“ на „Интимен театар“ од Битола е закажана за 28 декември (понеделник) во 20 часот, a по втор пат ќе се игра на 30 декември (среда) во 21 часот. Претставата е работена по текстови од Франк Ведекинд  и документарни материјали. Интерсено е да се напомене дека режисерката на претставата, Софија Ристевска за првпат глуми во своја претстава со цел да ја запознае подобро и оваа професија за во иднина да може уште поумешно и поиновативно да работи со актерите.

„Во нашиот најнов проект ’Будење на пролетта’, ги разгледуваме проблемите на женската популација во нашето општество, како сегрегацијата и етикетирањето на секојдневно ниво, врз различни основи. Во ова време на суров неолиберализам, кога жената има професија и кариера, а плус мора да е добра мајка, домаќинка, сопруга и љубовница, таа се соочува со константната нетрпеливост и нетолерантност од страна на општеството, што не е едуцирано и истренирано, за да го толерира моделот на ЖЕНА – ЛИДЕР. И ние зборуваме точно за таа нетрпеливост помеѓу силната и моќна жена и сексистички настроената социјална средина, што за жал има само една алатка за своја заштита, а тоа е суровото и бескомпромисно етикетирање на жената, сé со цел да ја дескредитира и да ја врати во потчинетата позиција на патријархалната пасивност. Нашата претстава со голема доза на хумор и самокритика, ги разгледува проблемите на жените што се борат активно за своите позиции и непотпаѓаат под ничие влијание. Ги разгледуваме нивните проблеми со тежината и нивното активно посетување на часовите по аеробик. Ги разгледуваме и ситуациите со шефовите мажи во фирмите, што редовно им предизвикуваат непријатни ситуации. Ги анализираме и желбите за екстремни спортови, што создаваат високо ниво на андреналин, како заштитен механизам против светот што не опкружува и на крајот зборуваме за свадбите и за сите подготовки окулу нив. Со огромна доза на хумор анализираме со колку многу предизвици се соочува жената и колку многу очекувања се вперени во неа. А за да биде иронијата поголема, дури и кога е најзаслужна, таа тешко го добива своето признание. И точно затоа ’Будење на пролетта’ е интимна приказна за патот полн со предизвици што го поминува секоја жена, во процесот на исполнување на своите мечти и соништа“, објаснува режисерката Софија Ристевска.

Режија: Софија Ристевска
Драматург: Билјана Крајчевска
Играат: Здравко Стојмиров, Стефанија Милевска и Софија Ристевска

 

Кореограф: Кире Миладиноски
Избор на музика и дизајн на звук: Златко Кузевски
Стилист на фотосесија: Андреј Ѓоргиевски
Шминка: Ксенија Вангеловска
Фризури: Андријана Петровска – LTD Салон
Фотограф: Петар Тасевски
Дизајн на фотографии: Владимир Видановски
Дизајн на рекламен материјал: Даниела Димитровска

Цена на билет 150 денари

Телефон за резервации 078/ 307-569

 



Врати се горе ↑