Настани брус вилис

10 октомври, 2017

Брус Вилис доаѓа во Скопје?

Славниот холивудски актер Брус Вилис има шанса да дојде во Скопје, но не како актер, туку како музичар и да настапи во клубот „Станица 26“. Оваа вест ја потврдија и од концертната агенција и продукција „3 гонга“, кои наголемо преговараат Вилис да дојде во Скопје.

„Во моментот тој е на турнеја со својот блуз-бенд, свири одлично на усна хармоника, а со музика се занимава пред да стане она што е денес. Преговорите се во тек, но не само за холивудскиот актер туку и за многу други светски музичари и да се надеваме дека сите овие големи ѕвезди Скопје ќе ги доживее“, изјави Александар Пејчиновски од „3 гонга“.

Зад новоформираната концертна агенција и продукција „3 гонга“ стојат тројца исклучителни и долгогодишни музикофили: Александар Пејчиновски – Пејчи, Васја Ивановски и Здравко Ситновски – Ситна, еднакво познати на скопската андерграунд и на мејнстрим-сцена.

Концертната агенција и продукција „3 гонга“ од Скопје во соработка со ноќниот клуб „Станица 26“ започнува со концертни настапи на звучни и препознатливи џез и блуз-музичари не само од земјава туку и светски етаблирани. Па, така, на 11 октомври со почеток во 22 часот настапува македонскиот гитарист, текстописец и продуцент Дамир Пух, кој концертно ќе го промовира своето првенче „Recollection“.



Врати се горе ↑