14 август, 2017

Бруно Марс сними видео за „Versace on the Floor“

„Ако вечерта ми започне со ’24 карати магија’, можам само да се надевам дека ќе заврши со ’Версаче на подот’“, рече Бруно Марс кога минатата година ја претстави баладата „Versace on the Floor“, која воедно е последна нумера на актуелниот албум „24K Magic“. Токму оваа песна, чиј ремикс го направи Дејвид Гета, сега доби и своја екранизација, во која на Марс друштво му прави колешката пејачка и актерка Зендеја, танцувајќи во фустан од Версаче додека тој пее и свири на пијано, а како изгледа сето тоа можете да погледнете горе.

Популарниот музичар го најави новото видео на вчерашното доделување на наградите по избор на тинејџерите (Teen Choice Awards), каде што се закити со најважната награда „Визионер“, која се доделува за „иновација и особен придонес кон современата музика“.

Тој беше оправдано отсутен од доделувањето бидејќи во моментов е на неговата трета по ред светска турнеја насловена „24 Magic World Tour“ што започна во март годинава, а ќе заврши во јуни следната година. Марс досега одржал 44 од закажаниот 141 концерт, што му донесе заработувачка од 52,7 милиони долари, а штотуку донираше 1 милион долари за гратчето Флинт во Мичиген, каде што во моментов водата е загадена со високо ниво на олово.

 



Врати се горе ↑