Настани

17 јануари, 2018

Бруно Марс, Луис Фонси и Деди Јенки меѓу изведувачите на „Греми 2018“

Како што се наближува јубилејното, 60. по ред доделување на музичките награди Греми, кое ќе се одржи на 28 јануари, полека се комплетира и списокот со изведувачи што ќе настапат на сцената во „Медисон сквер гарден“ во Њујорк. На претходно објавените имиња: Лејди Гага, Пинк, Чајлдиш Гамбино, „Литл биг таун“, Пети ЛуПон и Бен Плат, сега им се придружуваат и латино-заводниците и сопственици на мегахитот „Despacito“Луис Фонси и Деди Јенки, Кеша, Сиза и Бруно Марс, кој ќе настапи заедно со колешката Карди Би.

Исто така, специјален настап ќе имаат и номинираните уметници Алесија Кара, Калид и Лоџик, кои ќе се појават на сцената заедно со лица што се обиделе да се самоубијат и кои изгубиле некого заради самоубиство, селектирани од Националната линија за превенција од самоубиство.

 

Петкратниот добитник на Греми, Бруно Марс годинава е во трка за шест златни грамофони, меѓу кои албум на годината и најдобар ар-ен-би албум за „24К Magic“, насловната нумера е номинирана за снимка на годината, а хитот „That’s What I Like“ се натпреварува во категориите песна на годината, најдобра ар-ен-би изведба и најдобра ар-ен-би песна.

За првпат на Греми ќе настапи и новата рап-ѕвезда во подем, Карди Би, чиј хит „Bodak Yellow“ доби две номинации во категориите најдобра рап-изведба и најдобра рап-песна. Прв настап ќе и биде и на Кеша, која исто така има две номинации: најдобра поп-соло изведба за „Praying“ и најдобар поп-вокален албум за „Rainbow“.

 

За хитот што дефинитивно ја одбележа 2017 година, „Despacito“, Фонси и Јенки заедно со Џастин Бибер добија три номинации, вклучувајќи две од најважните – песна и снимка на годината, како и за најдобра изведба од поп-дуо или група.

Во пет категории е номиниран и младиот Калид, кој е во трка за најдобар нов уметник, за песна на годината и најдобро видео за „1-800-237-8255“, за најдобра ар-ен-би песна за „Location“ и за најдобар урбан современ албум за првенчето „American Teen“. Алесија Кара, пак, има четири номинации годинава, вклучувајќи најдобар нов уметник, песна на годината и најдобро видео за „1-800-237-8255“, како и за најдобра изведба од поп-дуо или група за соработката со Зед, „Stay“. Две номинации има и Лоџик, исто така за песната „1-800-237-8255“.

 

На Греми-сцената ќе дебитира и Сиза, која има дури пет номинации годинава: најдобар нов уметник, најдобра ар-ен-би изведба за „The Weekend“, најдобра ар-ен-би песна за „Supermodel“, најдобар урбан современ албум за „Ctrl“ и најдобра рап/отпеана изведба за „Love Galore“.

Повеќе изведувачи за роденденското доделување на Греми се очекуваат наскоро, а судејќи по минатогодишната манифестација, сигурно свој настап ќе има и Џејмс Корден, кој по втор пат ќе го видиме во улога на водител.



Врати се горе ↑