Видео

6 ноември, 2018

Бруно Марс, Гучи Мејн и Кодак Блек се разбудија на небо

До крајот на годинава Бруно Марс и официјално ќе стави крај на „24-те карати магија“, заокружувајќи ја истоимената турнеја со новогодишен концерт во Лас Вегас, кој ќе биде последниот од 214-те што ги одржуваше изминативе две години. Но, се чини дека ѕвездата сè уште е под влијание на ретро-стиловите, што може да се забележи и од неодамна објавената соработка со колегите Гучи Мејн и Кодак Блек за темата „Wake Up In The Sky“.

Имено, освен што гостува како вокалист, Марс се потпишува и како еден од продуцентите на песната, но и како режисер на видеото, кое изобилува со ретро-мода од седумдесеттите и олд-скул кореографија. Објавен на почетокот на септември годинава, како најава за 13. албум на Гучи Мејн – „Evil Genius“, синглот успеа да се искачи до 30. место на Билбордовата топ-листа, а досега брои над 70 милиони преслушувања на Спотифај. Новото видео сигурно ќе придонесе успехот барем да се удвои, а како изгледа кога Бруно Марс, Гучи Мејн и Кодак Блек ќе се разбудат на небо, дознајте во продолжение. Уживајте!



Врати се горе ↑