Македонија

15 мај, 2018

Бронзен медал за мешаниот хор на КУД „Стив Наумов“ – Битола на фестивал во БиХ

Мешаниот хор на КУД „Стив Наумов“ од Битола освои трета награда и бронзен медал на 18. Меѓународен фестивал на хорови „Златна вила“ што се одржа во градот Приједор во Босна и Херцеговина. Високото фестивалско признание е освоено во голема конкуренција на хорови од Романија, Србија, Русија, Босна и Херцеговина, Чешка, Хрватска, Полска, а мешаниот хор на КУД „Стив Наумов“ – Битола беше единствен претставник од Македонија, изјави за МИА диригентот на хорот Љубомир Трифуновски.

„Меѓународниот фестивал на хорови во Приједор е со голем квалитет и со натпреварувачки карактер. Дел од хоровите работат во состав на националните академии и благодарение на учеството на фестивалот воспоставивме директна соработка. На фестивалот исполнивме хорски композиции според однапред препорачана програма, односно песни од 16. до 19. век и композиции по слободен избор. Настапите ги следеше меѓународно жири кое нам ни ја додели третата награда и бронзениот медал“, изјави Трифуновски.

Организацискиот одбор на фестивалот на диригентот Љубомир Трифуновски му додели посебна награда – фестивалска Повелба.

Извор и фотографија: МИА



Врати се горе ↑