Свет beatles_album_cover

21 јануари, 2013

Бројни музичари повторно ќе го снимат деби албумот на Битлси

Како што е познато, своевремено легендарниот британски бенд Битлси нивниот деби албум „Please Please Me“ од 1963 година го сними во една маратонска сесија со времетрање од 12 часа во лондонските Abbey Road студија на компанијата EMI. Ако не ги сметаме паузите, белешките на продуцентот Џорџ Мартин покажуваат дека сите 14 песни се снимени за 9 часа и 45 минути. Од март истата година, ова издание се задржа неверојатни 30 недели на самиот врв на официјалната британска листа, поставувајќи рекорд кој не е надминат до ден денес.

Како што пренесува сервисот music-news.com, бројни британски музичари заедно со сервисот BBC одлучиле да ја прослават 50-годишнината од издавањето на албумот токму со обидот да го направат истото. За 11-ти февруари е закажан овој настан кој ќе биде директно пренесуван на BBC Radio 2, како дел од серијалот „The Golden Age of the Album“, кога бројни музичари повторно ќе се обидат да го снимат овој албум за 12 часа, а дел од нив ќе бидат фронтменот на Симпли РедМик Хакнал, групата Стереофоникс и многу други, како што се наведува, „постари но и модерни музичари“, а целосниот список со имиња ќе биде објавен наскоро.

Целата акција ќе биде документирана и монтирана за потребите на емисијата „12 Hours to Please Me“, која ќе биде емитувана на каналот BBC на 15-ти февруари.

 

 



Врати се горе ↑