Свет bs-bb

13 март, 2015

Бритни Спирс: „Работам на нов албум, но…“

„Ќе работам на албум полека, но сигурно“, изјавила познатата пејачка во најновото интервју за списанието „Билборд“, кое на американските киосци ќе пристигне деновиве и чија насловна страница ја краси токму Бритни Спирс. Пејачката влезе во студио уште во септември минатата година, но најавува дека албумот нема да пристигне наскоро.

„Сега имам многу обврски околу децата, училиштето, нивните спортски активности и сл. Ќе дадам сè од себе да направиме најдобар албум, но тоа сега не ми е приоритет“, додала таа, велејќи дека нејзините синови Шон Престон (9) и Џејден Џејмс (8) понекогаш навистина ја „полудуваат“.

Нејзиниот последен албум „Britney Jean“, кој е осмо студиско издание во нејзината кариера, се појави во декември 2013 година и дебитираше на 4. место на Билбордовата листа за најпродавани албуми. Од него беа исфрлени сингловите „Work Bitch“ и „Perfume“, а Бритни оттогаш одржа повеќе од 100 резиденцијални настапи во „Планет Холивуд“ во Лас Вегас.

Само од продажбата на влезниците за тие концерти, Бритни до крајот на февруари годинава заработила 42 милиони долари. Затоа не треба да нè чуди фактот што ѕвездата во моментов е во преговори за настапите во Вегас да продолжат уште две години, бидејќи актуелниот договор истекува на крајот на 2015 година.

Од друга страна, тоа може да го одложи објавувањето на новиот албум, што секако не би им се допаднало на нејзините фанови ширум светот. Но Бритни има планови и за нив…

„Во моментов сме концентрирани на исфрлување на неколку одлични синглови, кои ќе ги објавуваме како што ќе ги снимаме“, изјавил нејзиниот менаџер, Лери Рудолф, додавајќи дека сè уште нема официјални информации за новиот албум: „Албумите повеќе не се толку важни во оваа дигитална ера, како што беше некогаш. Бритни сигурно ќе сними албум, но тоа нема да се случи веднаш.“

Меѓу споменатите синглови би можел да се најде и дуетот со Иги Азалија, на кој пејачките работеа минатата година.

Извор и фотографија: Billboard/MTV

 



Врати се горе ↑