Настани

20 февруари, 2019

Британските музички награди вечерва на Јутјуб

Со почеток од 21.00 часот вечерва ќе се одржи 39. доделување на британските музички награди, познати и како БРИТ-награди, а на манифестацијата во лондонската арена „О2“ ќе настапат и голем број музички ѕвезди што се номинирани во 12-те категории. Меѓу нив се и австралискиот актер и пејач Хју Џекмен, американската пејачка Пинк, како и британските ѕвезди Џорџ Езра, „1975“, Џес Глин, „Литл микс“ и Џорџа Смит, а заедно со шкотскиот диџеј и продуцент Келвин Харис ќе настапат и Дуа Липа, Сем Смит и Рег-ен-боун мен, изведувајќи ги хитовите „One Kiss“, „Promises“ и „Giant“.

 

Добитничката на Греми за најдобар нов уметник, Дуа Липа и годинава предводи според бројот на номинации, заедно со колешките Џес Глин и Ен-Мари, секоја од нив натпреварувајќи се во четири категории, а по три имаат Џорџ Езра и Џорџа Смит.

Домаќин на манифестацијата и годинава ќе биде британскиот актер и комичар Џек Вајтхол, а веќе традиционално ќе биде овозможен пренос во живо и за публиката од целиот свет, која ќе може да го следи настанот преку Јутјуб.

Фотографија на BRIT Awards.



Врати се горе ↑