Македонија

26 јануари, 2018

Британски „Индипендент“ за Трпчески и пријателите: „Оваа група треба да се врати!“

„Пијанистот Симон Трпчески собра пет виртуози од својата родна Македонија за изведба на музика од својата татковина. Оваа група треба да се врати и да ги распакува своите производи“, пишува во својата рецензија критичарот Мајкл Чрч од британскиот „Индипендент“, по величествениот концерт насловен „Македонисимо“, одржан на 21 јануари во престижната камерна сала „Вигмор хол“ во Лондон.

Трпчески заедно со виолинистот Александар Краповски, перкусионистот Влатко Нушев, виолончелистот Александар Сомов и кларинетист / саксофонист Хидан Мамудов го промовираше пред пребирливата лондонска публика проектот „Македонисимо“ на македонскиот композитор Панде Шахов.

Критичарот од „Индипендент“ во својот текст во суперлатив зборува за музичарите, но и за настапот кој беше награден со стоечки овации од присутната публика.

„Ние сме навикнати да размислуваме за Симон Трпчески како супериорен пијанист врзувајќи го за Бетовен, Брамс. Овој концерт е доказ дека треба да го прошириме видикот. Тој е мултиинструменталист со победнички звук како народен пејач, лидер на бенд и концерт-мајстор. Идејата беше тие да не воведат во музиката на својата татковина. Првично добивме стандардни балкански елементи, но постепено музичката естетика на оваа мала земја стана забележлива…“, пишува „Индипендент“.

Како следни, Трпчески ги најави концертните изведби на „Македонисимо“ и во Полска, Франција, Бугарија, Холандија и повторно Велика Британија. Во меѓувреме, Трпчески, веќе денеска настапува во финската престолнина како солист на Хелсиншкиот филхармониски оркестар во изведбата на Концертот за пијано и оркестар број 2 од Ф. Лист, а под диригентската палка на Алан Бурибаев од Казахстан. Следат и двата рецитала во Шангај и Пекинг, Кина, како и во Острава во Чешка, но и 4 концерти на матичната сцена на Симфонискиот оркестар на Сан Франциско во март.

 

Извор: Вечер.прес / Фотографија: Мињаш Жугиќ



Врати се горе ↑