Видео BRITS2015_lg_950x440-1

26 февруари, 2015

БРИТ награди 2015: Триумф на Сем Смит и Ед Ширан, Мадона падна на сцена…

…ова се моментите кои го одбележаа синоќешното доделување на британските музички награди!

Вчерашното 35. по ред доделување на британските музички награди, познати како БРИТ награди, покрај гледачите во Велика Британија, можност да го проследат во живо имаа и бројните фанови ширум светот, кои манифестацијата ја следеа преку „Јутјуб“. Најголемите музички имиња на британската и светската сцена настапија на сцената во лондонската арена „О2“, а најдобрите од нив заминаа дома со специјално изработени статуетки, кои годинава, по повод јубилејот од 35 години, ги дизајнираше познатата британска уметница Трејси Емин. Со по 2 освоени статуетки триумфираа Сем Смит и Ед Ширан, а доколку не успеавте на време да се вклучите во преносот во живо, ова се моментите кои ја одбележаа синоќешната манифестација.

Честа да настапи прва ја имаше американската ѕвезда Тејлор Свифт, која го отпеа својот хит „Blank Space“, а подоцна ја освои наградата за „Најдобар нтернационален женски изведувач“. Ова е прва британска награда за пејачката, која овој пат успеа да се заблагодари за поддршката, а притоа никој да не ја прекине велејќи дека вистинскиот победник е Бијонсе (која патем беше номинирана во истата категорија). Настапот на Свифт можете да го погледнете во продолжение.

 

Првата доделена награда во категоријата „Британски машки соло изведувач“ отиде во рацете на Ед Ширан, на кого статуетката му ја врачија колешката Рита Ора и актерот Орландо Блум. Ова е трета британска награда за талентираниот музичар, кој во оваа и категоријата „Најдобар уметник во подем“ победи во 2012 година. Следната награда за „Најдобра британска група“ ја додели легендарниот Џими Пејџ, а победник во оваа категорија беше дуото „Ројал блад“, кое ја освои првата БРИТ статуетка во својата кариера.

Вториот изведувач за вечерта, кој беше номиниран во рекордни 5 категории, беше Сем Смит, а неговата изведба на актуелниот сингл „Lay Me Down“, Ве очекува во продолжение.

 

Формула 1 натпреварувачот Луис Хамилтон и британската миленичка Ели Гоулдинг ја доделија наградата за „Најдобар интернационален женски изведувач“, која, како што веќе Ви пренесовме, отиде во рацете на Тејлор Свифт, по што следеше настапот на „Ројал блад“ и нивната изведба на темата „Figure It Out“.

 

Сопственикот на најактуелниот хит сингл „Uptown Funk“, Марк Ронсон ја додели наградата за „Најдобар британски женски изведувач“, а победничка во оваа категорија е ексцентричната Палома Фејт, која мошне емотивно се заблагодари велејќи дека чекала на овој момент цели 14 години. Веднаш потоа следеше генијалниот настап на „уан-мен-бендот“ Ед Ширан, кој докажа дека со само една гитара и педала за ефекти може да замени цел оркестар. Како изгледаше неговата изведба на „Bloodstream“ можете да погледнете во продолжение.

 

Покрај петте номинации, Сем Смит беше почестен со уште една награда за „Британски глобален успех“, која му ја додели Ким Кардашијан. Популарната црнокоса ја искористи оваа пригода да го најави и настапот на нејзиниот сопруг, Канје Вест, кој беше тајна до само неколку часа пред почетокот на манифестацијата. Познатиот музичар, на спектакуларен начин, премиерно ја изведе новата песна насловена „All Day“, која има потенцијал да биде вистински хит. Интересно е тоа што во овој настап навистина уживаше и се забавуваше токму Тејлор Свифт! Како изгледаше сето тоа погледнете во продолжение.

 

Имајќи ја предвид огромната популарност во Велика Британија, не беше никакво изненадување тоа што наградата за „Најдобар интернационален машки изведувач“ отиде во рацете на Фарел Вилијамс. Хитмејкерот, кој успеа да ги победи колегите Бек, Хозиер, Џон Леџенд и Џек Вајт, ја освои истата награда и на минатогодишните, први по ред, доделувања на музичките награди на Би-би-си. Вилијамс, за кого ова е прва британска награда, за жал не беше присутен на манифестацијата, па се заблагодари преку видео порака. Следниот настап беше резервиран за британските миленици „Тејк дет“, кои го изведоа својот неодамна објавен сингл „Let In The Sun“.

 

Британската водителка Лиса Сноудон заедно со легендарниот музичар Лајонел Ричи ја имаа честа да го објават победникот во категоријата „Најдобар британски сингл“, а тоа е хитот кој нè разигра и нè врати во ерата на диско и фанк музиката – „Uptown Funk“ на Марк Ронсон и Бруно Марс. „Не би ја држел оваа награда во рацете ако не беше најталенираниот Хаваец на светот, Бруно Марс“, рече музичарот заблагодарувајќи се за наградата. По победата во категоријата „Најдобар британски машки изведувач“ во 2008 година, ова е втора британска награда за Ронсон.

 

Следната доделена награда за „Најдобра интернационална група“ отиде во рацете на познатиот рок бенд „Фу фајтерс“, но екипата предводена од поранешниот тапанар на „Нирвана“, Дејв Грол, за жал не беше присутна на манифестација, но се заблагодари преку видео порака. Ова е четврта британска награда за групата, која претходно победила во истата категорија во 2008 и 2012 година, а   нивниот албум „Echoes, Silence, Patience & Grace“ во 2008-ма ја освои наградата за „Најдобар интернационален албум“.

Иако беше номиниран во 4 категории, младиот кантри и блуз музичар Џорџ Езра годинава не освои ниту една награда, но сигурно е дека неговото време допрва доаѓа. Шармантниот пејач го изведе својот голем хит „Budapest“, кој се најде на минатогодишното деби издание „Wanted On Voyage“.

 

На водителката Ферн Котон и пејачката Чарли Екс-си-екс им припадна улогата да ја доделат наградата за „Британски изведувач во подем“ (British Breakthrough Act), која сосема заслужено му припадна добитникот на 4 Греми награди годинава, Сем Смит. Ова е втора за годинава и, вклучувајќи ја минатогодишната за „Избор на критиката“, трета британска награда за пејачот досега.

Следниот изведувач на манифестацијата беше претходно наградената пејачка Палома Фејт, која го отпеа својот хит „Only Love Can Hurt Like This“.

 

Претпоследната награда за „Британски видео запис на годината“, за којa можеа да гласаат сите гледачи ширум светот, отиде во рацете на тинејџерската атракција „Уан дајрекшн“ за ерканизацијата на темата „You & I“. За жал, момците не беа во можност да присуствуваат на манифестацијата, па во нивно име наградата ја прими нивниот менаџер, озлогласениот Сајмон Кауел: „Сем, не можеш да победиш во секоја категорија вечерва!“, рече во негов стил познатиот креатор и судија на „Х фактор“. Ова е петта британска награда за групата, која претходно победила во категоријата „Британски сингл на годината“ во 2012 година за „What Makes You Beautiful“, „Британски глобален успех“ во 2013 и 2014 година, како и „Британски видео запис“ за „Best Song Ever“, исто така во 2014 година.

 

Последната награда за вечерта ја додели познатиот австралиски актер Расел Кроу, а сопственик на „Британски албум на годината“ е Ед Ширан. Неговото издание „X“ (или „Multiply“) му ја донесе неговата четврта британска награда досега. И конечно…

„Крајот делото го краси“ или „Паднатата Мадона“

Моментот, кој за само неколку минути го обиколи светот и стана главна тема на социјалните мрежи, е секако настапот на легендарната „Кралица на поп музиката“, Мадона. Уште пред почетокот на манифестацијата, пејачката призна дека има трема за настапот, но сигурно дека не очекуваше сето тоа да се претвори во најголемиот кошмар на секој изведувач. Имено, заради ненавремено одврзување на наметката, танчерите толку силно ја повлекоа 56-годишната ѕвезда, што таа падна на сцената, пред очите на целиот свет! Сепак, како вистински професионалец, таа продолжи со изведбата на нејзиниот хит „Living For Love“.

„Армани ме врза. Мојата прекрасна наметка беше толку цврсто врзана, но ништо не може да ме запре и љубовта навистина ме подигна. Ви благодарам за Вашите убави желби. Добро сум“, соопшти пејачката на Инстаграм, непосредно по инцидентот.

Ивона Јанкова



Врати се горе ↑