Видео

13 јули, 2019

„Бревис“ со одлична преработка на балада од Брејк

Дарко Гелев, за македонската публика познат како Брејк, подолго време е отсутен од сцената, но неговите хитови и понатаму се едни од најслушаните и продолжуваат да инспирираат нови музичари да прават свои верзии на неговите рефрени. Таков е случајот и со најновата балада „Болиш“, која музичарот ја претстави пред речиси пет години и која сега си доби уште една преработка од скопскиот бенд „Бревис“.

Оваа музичка дружина на чело со вокалистот Мартин Иванов и клавијатуристот Никола Николовски летово го започна со проект за освежување на македонската музика, спојувајќи 11 познати рефрени во 4 минути, а потоа следеше и преработката на „Латино-цедето од Александар Митевски, кој е автор и на музиката и аранжманот на „Болиш“, чии стихови си ги потпиша самиот Брејк.

Во создавањето на новата верзија од „Бревис“ учествуваа и Димитар Михајловски на виолина, Бојан Дичоски на гитара и бас-гитара и Гоги Мицевски на тапани, а за снимањето беше задолжен Иван Јамандиловски. Сето тоа е дополнето и со соодветно видео во режија на Алек Тасевски, во кое главната улога ја доби моделот Пале Манева, а како изгледа и звучи оваа прекрасна балада во изведба на „Бревис“, дознајте во продолжение. Уживајте!



Врати се горе ↑