Аудио bravo-bend

26 јануари, 2015

„Браво бенд“ ја започнуваат годината со „Ало“

Момците чија силна страна е академската музичка поткрепа, а ви се најмногу познати по одличните хитови „Познат рефрен“, „Девојко“, „Богаташ“ и други, како и по бројните настапи ширум земјата, годината ја отпочнуваат со ново музико изненадување за верните обожаватели. Станува збор за нумерата насловена „Ало“, на која работеа изминатиот период со својот проверено успешен тим. По теркот на музичките професионаллци кои сами ја создаваат и интерпретираат својата музика, песната „Ало“ е авторско дело на гитаристот Драган Илиев, кој се потпишува зад музиката и аранжманот, додека текстот е на Огнен Неделковски, со кој соработуваа и претходно.

За разлика од досегашните песни кои ги промовираа од првиот албум и останатите синглови, новата песна е со поразличен поп-рок призвук, динамична и полна со темперамент. Во период кога баладите на некој начин станаа тренд на македонската забавна музичка сцена, „Браво бенд“ промовираат поинаква музичка енергија за која велат дека не е новитет, но и тоа како е потребна за освежување.

„Најпрвин за оние што не знаат би сакале да напоменеме дека ’Браво бенд’ во ниеден момент не престанаа да создаваат музика, а за сосема незначајна ја сметаме и променaта во поставата со некои од членовите. Во историјата на сите бендови стојат такави промени, така што поголемиот дел сме тие, а нашата публика тоа најдобро го знае. Инаку, ’Ало’ е синглот за кој го чекавме вистинскиот момент за промоција, а истиот е дело на нашиот гитарист Драган Илиев, кој и претходно создаде неколку наши песни. Вокалната и бас изведба е на Кире Денов, на тапани, Дејан Младеновски и на клавијатури, Зоран Кирјаковски. Многу наскоро очекувајте уште синглови кои се веќе готови, а секако стандардно сме присутни со настапи во дискотеки низ повеќе градови“, изјавуваат од „Браво бенд“.

Инаку, продукциската обработка на „Ало“ е изведена во студиото на Гени Каревски, кој ја миксаше и мастеризираше финалната верзија што можете да ја слушнете во продолжение.

 



Врати се горе ↑