Балкан radakovic

5 декември, 2015

Бранко Радаковиќ одбива да биде „Дел од системот“

Српскиот мултимедијален уметник Бранко Радаковиќ во последниве десетина години е најактивен како режисер, но познат е и по своите музички активности, па покрај огромните обврски околу промоцијата на својот нов и мошне популарен документарен филм „Лимоново дрво“, сепак успеа да се посвети и на нови, авторски песни. Имено, по работата со бројни групи, Радаковиќ одлучи да направи уште еден радикален потег и да реализира авторски музички соло албум. До пред неколку години, неговиот најважен бенд и матичен музички проект беше „Аргус“, кој го оформи во 1996 година во Параќин и со кој сними повеќе видео записи, синглови и 4 самостојни албуми, а неодамна падна одлуката својата наредна музичка авантура да ја наслови со своето полно име и презиме.

„Иако долго се водев од мислата дека мојата активна музичка приказна е одамна завршена, испадна дека не сум бил во право. И покрај тоа што со сите сили се лажев себеси дека не сум повеќе за музика, неодамна, кога почнав да го учам мојот син да свири гитара, малку повежбав, но и запеав. Песните почнаа да навираат сами од себе. Сфатив дека се автентични и дека морам да ги забележам бидејќи очигледно постои нешто што спонтано ме тера повторно да бидам композитор и текстописец. Значи, ова не е никаков почеток, туку, би рекол, продолжение на она што го работев порано. Само што сега сум позрел и поподготвен“, изјави Радаковиќ за „Рокомотива“.

Своите две нови песни „Део система“ и „Поново ту“ ги сними на 14 и 15 ноември. Тоа, по стариот добар рецепт, е вистински сингл кој го најавува неговиот албум што би требало да се реализира до крајот на 2016 година. Песните се снимани во студиото „Парадокс“ во Смедерево. Покрај тоа што ги отпеа, Бранко се потпишува и како комплетен автор на музиката и текстовите. Планира албумот да биде составен само од негови песни, бидејќи креативноста и инспирацијата ги има во изобилство.

„Важни се автентичноста и авторството. Токму тоа веќе одамна ја изгуби својата вредност за пошироката публика. Можеби се во право. Младите бендови или личат на некој стар бенд или заглавиле во херметичност. Да не зборувам за плејадата од оние што тезгарат, а старите бендови одамна ја повторуваат истата приказна. Кога на сето тоа ќе му го додадеме и фактот дека не постои ниту една сериозна ТВ емисија што конструктивно се бави со рок музика, а телевизијата е мошне важна во промоцијата на што и да е што треба да допре до поголем број луѓе, не треба ни да не чуди зошто сè е така како што е. Можеби ми се здосадило да го набљудувам сето тоа, па и на овој начин сакам да изразам протест и да покажам дека сè уште може да се биде свој и во сиот тој хаос на нашата речиси пропадната рок сцена. Само треба да не се криеме зад својата личност. Секако, и тоа е залудно ако не си роден да создадеш свои текстови и своја музика“, заклучи Радаковиќ.

Како продуцент на новиот сингл се потпишува Срѓан Бранковиќ, кој го направи и видео записот. „Део система“ беше премиерно емитуван на 27 ноември на радио „Београд 1“, во емисијата „Друга страна рачунара“, а како изгледа и звучи сето тоа можете да погледнете во продолжение. Уживајте!

 



Врати се горе ↑