Македонија 1508161_10202949714214333_1979104625_n

7 април, 2014

Браќата Тавитјан ќе промовираат два нови видео записи

Гаро и браќата Тавитјан во среда во Станица 26 ќе промовираат 2 нови видео записи за песните „Битола мој роден крај“ која ја снимија со хрватскиот музичар Оливер Драгојевиќ и „Сношти сакав да ти дојдам“ со Аки Рахимовски. Двете теми се дел од големиот музички проект „Македонското срце чука во 7/8“ на кој браќата Диран и Гаро Тавитјан заедно со нивниот татко, популарниот тапанар Гарабет Тавитјан, соработуваа со некои од најреномираните музичари од регионов и преработија голем број познати македонски песни.

„Битола мој роден крај“ се снимаше во февруари, а приказната е направена на неколку локации во Битола, како што се Широк сокак, Тумбе кафе и железничката станица, како и во Скопје и Сплит, Хрватска. Убавините на градот на конзулите се прикажани преку романтичната приказна за една млада девојка, чија улога ја толкува Џули Црвенковска, а за потребите на видео записот е ангажиран и оркестарот „Арко“, додека во  видео записот за соработката со популарниот фронтмен на групата Парни Ваљак главната улога ја има познатата македонска актерка и музичарка Јана Стојановска. По промоцијата во Скопје, видео записите кои ги изработи продукцијата „Мунлајт“ наскоро ќе бидат промовирани и во Битола во млекарницата „Бимилк“.

Покрај новите видео записи, познатите музичари во изминатиов период работеа и на својот нов албум на кој обработуваат дела од великаните на сериозната музика, како Бах, Моцарт, Чајковски, Лист, Шопен, Рахманинов, во модерни џез-аранжмани, со акцент на врвната изведба и виртуозност во изведбата, а се подготвуваат и за богатата концертна сезона во чии рамки на 17 јуни ќе одржат концерт во престижната концертна сала „Карнеги хол“ во Њујорк. Повеќе информации околу идните планови и активности на браќата Тавитјан можете да прочитате во интервјуто со Нова Македонија.

 



Врати се горе ↑