21 март, 2017

Борис Новковиќ ја екранизираше својата „Последна надеж“

Познатиот хрватски музичар Борис Новковиќ го претстави видео записот за неговиот најнов сингл насловен „Ти си ми последња нада“, потпишан од реномираниот автор Анте Пецотиќ, а во продукција на Бојан Шаламон Шала, кој се погрижи песната да има модерен звук. Црно-белата екранизација е дело на режисерката Марчела Занки, а во главната улога се најде актерката Клара Мучи.

„Иако поголемиот дел од своите песни ги пишувам сам, повремено сакам да работам и со други автори бидејќи внесуваат свежина и даваат нова енергија на уметничкиот состав. Кога Анте ми ја пушти песната, иако веќе имав подготвено своја авторска, сепак решив да му дадам предност нему. Долго не сум почувствувал наплив на такви позитивни чувства, ме потсети на мојот голем хит, па неофицијално ја нарекувам ’У добру и злу 2017’, затоа што и овде љубовта за која се пее, не е сведена исклучиво на онаа меѓу маж и жена, туку навлегува во повисоките сфери на духовната љубов“, изјавил 49-годишниот музичар, кој со овој сингл најавува и серија акустични концерти, чии датуми и локации ќе бидат објавени наскоро.

 

 



Врати се горе ↑