8 март, 2013

Бони Тајлер ќе ја претставува Велика Британија на Евросонг

Непознати се само уште неколку претставници на 39-те земји кои годинава ќе се натпреваруваат на Евровизија во Малме, Шведска. Вчера на БиБиСи беше објавена претставничката на Обединетото Кралство, а тоа е легендарната велшка пејачка Бони Тајлер (која ја паметиме по големиот хит „Total Eclipse of the Heart“ од 1983 година), која ќе се претстави со песната „Believe In Me“.

61-годишната пејачка изјавила дека е почестена од поканата да ја претставува својата земја на овој голем музички настан: „Ветувам дека ќе дадам сè од себе за Обединетото Кралство!“ – стои во нејзината изјава. „Јас сум навистина почестена и возбудена што ќе можам да ја претставувам мојата земја на Евровизија, особено со толку прекрасна песна“ – додала Тајлер.

Песната „Believe In Me“ е напишана од американскиот текстописец Дезмонд Чајлд и британските автори Лорен Кристи и Кристофер Брејд. Чајлд веќе соработувал со Тајлер во текот на нејзината кариера, а пишувал хитови и за рок бендовите Кис и Бон Џови. Тој исто така ги потпишува хитовите „Livin’ La Vida Loca“ и „She Bangs“ на Рики Мартин.

Бони Тајлер, родена Гејнор Хопкинс во Нит, Велс, првиот сингл го имаше во 1976 година, а тоа беше „Lost in France“. Таа беше номинирана за 3 Греми награди во 1984 година, вклучувајќи ја и Најдобра женска поп вокална изведба за „Total Eclipse of the Heart“.

 



Врати се горе ↑