Видео

31 октомври, 2018

„Бојзон“ со проштален албум во ноември

Една од најпопуларните машки групи од деведесеттите, ирскиот состав „Бојзон“ (Boyzone) на 16 ноември ќе го објави својот нов и последен албум, соодветно насловен „Thank You & Good Night“. Најавено со сингловите „Because“ и „Love“, изданието содржи 12 нови песни, а освен самите членови на групата, како автори на дел од песните се потпишуваат и славните колеги Ед Ширан, Сем Смит и Гери Барлоу (Тејк дет).

Новиот материјал е поддржан и со проштална турнеја, која започна во јуни годинава, а ќе заврши во февруари следната година, опфаќајќи вкупно 34 концерти низ Европа. Како и на самиот албум, така и на концертите ќе се слуша гласот на Стивен Гејтли, кој ненадејно почина на 10 октомври 2009 година, на возраст од само 33 години.

Related image„Бојзон“ во комплетен состав, со покојниот Стивен Гејтли на средина

Со последниот албум и прошталната турнеја, групата воедно го одбележува и јубилејот од 25 години од основањето. После седум студиски албуми, девет компилации, 28 синглови и десет видео-албуми, бројни награди и осум турнеи, Кит Дафи, Мики Греам, Ронан Китинг и Шејн Линч официјално ќе стават крај на приказната за „Бојзон“ на 28 април 2019 година.

Love Me For A Reason“, „Picture Of You“ и „No Matter What“ се само дел од хитовите шо ја одбележаа кариерата на оваа популарна ирска екипа, а најновото од нив ве очекува во продолжение. Уживајте!



Врати се горе ↑