12 март, 2015

Бојан Маровиќ сними видео запис во Македонија

Црногорскиот пејач Бојан Маровиќ го претстави видео записот за темата „Фотографија“, која се најде на актуелниот албум „За тебе и мене“. Под режисерската палка на Дарио „Генерал“ Јанковиќ, видео записот се снимаше кон крајот на минатата година на повеќе различни локации во Македонија, а Маровиќ смета дека песната добила сосема ново лице: „Се трудев да го опишам својот живот кога се во прашање концертите, од хотелската соба до самото излегување на сцена, па дури и да видат луѓето како е кога ќе се изгаснат светлата“, изјавил Маровиќ за црногорски „Вјести“, по повод промоцијата во родната земја.

Со оглед на тоа што песната е огромен хит во Македонија, токму тоа го охрабрило видео записот да го сними кај нас: „Кога имав концерт во Македонија, излегов на бис и на клавирот ја отсвирив ’Фотографија’. Тогаш ѝ реков на публиката дека знам оти очекуваат некој голем хит, но дека ќе им отпеам песна која ми е многу драга. И кога започнав да ја пеам, публиката пееше со мене во хор, што навистина ме воодушеви. Одлучив да останам во Скопје уште неколку дена, па отидовме во Велес и го снимивме видео записот“, заклучил пејачот.

Во видео запиот, кој Ве очекува горе, се појавува и поранешната Мис на Македонија, Симона Станковска, а прикажани се и снимки од гостувањето на минатогодишниот „МАРС 2014“, каде што пејачот ја доби награда за „Ѕвезда од соседството“. По промоцијата во Црна Гора, која се одржа кон крајот на февруари, на ред се промоциите во Белград и, секако, во Македонија.



Врати се горе ↑