Видео

18 април, 2018

Бој Џорџ и Кели Роланд се скараа за Македонка

Американската пејачка и некогашна членка на популарното трио „Дестинис чајлд“ и една од најголемите поп-икони од осумдесеттите влегоа во војна за Македонка. Имено, Кели Роланд и Бој Џорџ се дел од жирито во новата сезона на австралиската верзија на музичкиот натпревар „Гласот“ (The Voice), каде што заедно со Џо Џонас и Делта Гудрем имаат улога на ментори на младите музички надежи во Австралија.

Доколку не сте запознаени со фазите на овој музички формат, приказната започнува со тн. „слепи аудиции“, кога судиите се завртени кон публиката и можат да се завртат кон натпреварувачот само доколку им се допаѓа нивниот глас и го сакаат во својот тим. Имајќи го предвид огромниот број македонски иселеници во земјата на кенгурите, очекувано е дека среќата ќе си ја пробаат и нашите млади надежи, а во оваа најнова сезона на натпреварот тоа го направи 17-годишната Меди Крстевски.

Melbourne’s Madi wants to be Australia’s next pop princess… 🎤 Will her rendition of this Katy Perry song start her on her journey to stardom? #TheVoiceAU, tonight 7.30pm on Channel 9!

Gepostet von The Voice Australia am Montag, 16. April 2018

 

„Бидејќи моето презиме е тешко за изговарање, се натпреварувам како Меди Кеј и би сакала да бидам новата поп-принцеза на Австралија“, рече младата пејачка пред да застане на сцената и да ја отпее „The One That Got Away“ од Кејти Пери. Секако дека судиите не останаа имуни на нејзиниот прекрасен вокал, па желба да биде во нивниот тим пројавија Кели Роланд и Бој Џорџ.

Според правилата, ако се заврти повеќе од еден судија, тие започнуваат да го убедуваат кандидатот да го одбере нивниот тим.

„Проблемот со женските ментори е тоа што ќе се обидат да те направат како нив“, започна Бој Џорџ, обидувајќи се да ја придобие Меди на своја страна и додавајќи дека токму во неговиот тим ќе блесне во свое светло. На сето тоа Кели возврати дека токму нејзината индивидуалност и огромен талент на само 17 години ја натерале да се заврти.

Фотографија на Madi Krstevski.

Веројатно тие аргументи беа пресудни за нашата Меди, која одлучи да продолжи во натпреварот како дел од тимот на Кели. „Бој Џорџ направи потешко да донесам одлука, но Кели не дозволи да бидам ’таа што избега’! Не можам да ви опишам колку сум возбудена што сум дел од тимот на Кели и од ова прекрасно патешествие во ’Гласот’“, напиша Меди на својата страница на Фејсбук, а ние се надеваме дека ќе го оствари својот сон да биде новата поп-принцеза! Среќно!

И.Ј.



Врати се горе ↑