Настани 0004

3 ноември, 2015

Богата интерактивна програма за сите возрасти на „Анимакс Скопје фест“

На четирите фестивалски денови на Меѓународниот фестивал за анимиран филм „Анимакс Скопје фест“, кое ќе се одржи од 5 до 8 ноември во Кино Фросина, МКЦ и Кинотека на Македонија, ќе бидат прикажани вкупно 54 анимирани филмови од 25 земји од светот. Под мотото „Пет години движење“, овој фестивал ќе го одбележи својот мал јубилеј со значително збогатена програма.

Годинава на „Анимакс“ ќе бидат прикажани 44 филмови за возрасни и 8 филмови за деца во официјална конкуренција. Тие се избрани од пријавените рекордни  427 анимации од 56 земји во светот, меѓу кои најголем број од: Франција, Шпанија, Германија, Полска, Италија, Бразил, како и филмови од Ирак, Иран, Индија, Јужна Кореја, Тајван, Куба, Перу и др.

На последниот ден од фестивалот, 8 ноември, ќе бидат доделени наградите Златна, Сребрена и Бронзена тула, а за нив ќе одлучува интернационална жири-комисија во состав Марчин Лучај, програмер на Варшавскиот Филмски Фестивал, Берин Тузлиќ, аниматор од Босна и македонскиот аниматор Иван Ивановски. Исто така ќе биде доделена и Златна тула за најдобар детски анимиран филм, а за победникот ќе гласаат децата во четири фестивалски денови. За ова јубилејно издание градоначалникот на град Скопје одлучи да додели Специјална награда во рамките на фестивалот.

„За прв пат на ’Анимакс’ во ревијалниот дел на програмата ќе бидат прикажани два долгометражни анимирани фимови, со што правиме обид да го отвориме полето за нова натпреварувачка програма следната година – награда за најдобар долгометражен анимиран филм. Со тоа приказната на нашиот фестивал за анимирани филмови ќе се комплетира“, вели Кузман Кузмановски, директор на „Анимакс Скопје фест“.

„Придружната програма на фестивалот оваа година е побогата од вообичаено. Тоа е така заради фактот што анимацијата како медиум нуди голем број техники на работа, вклучува најразновидни сретства, материјали и технологии. Се обидуваме на публиката да ѝ ги претставиме оние техники не толку застапени кај нас, кои можеби ќе отворат нови полиња за работа на македонските аниматори“, вели Кузмановски.

Светската премиера на перформансот во живо „Легло за тебе“ од шпанската авторка Диди Родан ќе биде прикажана на 8 ноември во 19.30 часот во Кино Фросина, МКЦ. На последниот фестивалски ден Родан ќе изведе перформанс во живо со својата техника на анимирање со песок – емотивно визуелно доживување придружено со аудио перформанс надополнет со изведба на шпанска поезија од страна на Венецуелката Нидиа Морос. Позната под прекарот „волшебни раце“, и „песочна волшебничка“, Диди Родан е прв и единствен уметник кој работи со оваа техника со песок во Шпанија, а македонската публика ќе има можност да ужива во овој уникатен перформанс.

За време на фестивалот ќе бидат одржани и 4 работилници во просториите на Кинотека на Македонија,  Кино Фросина, МКЦ и Агенција за филм на РМ.

Со оглед на фактот што анимацијата е медиум многу близок до децата, одлучивме годинава да им посветиме повеќе внимание на најмалите“, вели Кузмановски. Како надополнување на настапот на Диди е и работилницата за деца со песок под името – Лисјата паѓаат, љубов се раѓа – координирана од аниматори од Школата за анимиран филм ШАФ од Врање. Вкупно 25 деца во период од три дена ќе работат под менторство на инструктори од ШАФ и ќе создадат краток анимиран филм со техника песочна анимација, кој ќе биде прикажан на големото платно последната фестивалска вечер.

Во рамките на „Анимакс“, аниматорите Жарко Иванов и Владимир Лукаш ќе одржат работилница за кат аут анимација (Multiplane Camera) на која ќе ја претстават својата технологија на анимирање.

Програмскиот директор на Варшавскиот Филмски Фестивал, Марчин Лучај, кој е воедно и член на меѓународната жири комисија на „Анимакс“, ќе присуствува на отворена дискусија со македонските филмаџии, на која ќе се зборува за соодносот помеѓу авторите на филмовите и филмските фестивали.

Македонскиот аниматор Илчо Симовски ќе одржи работилница за анимација со цртеж нменета за деца од 6 до 12 години, под називот „Како до суперхерој“.

Програмата на Анимакс ќе се одржува во Кино Фросина, МКЦ и Кинотека на Македонија.

Билетите за програмата во официјална конкуренција ќе чинат 100,оо денари.

Сите проекции за деца, како и учеството на работилници е бесплатно.

Официјалната програма на фестивалот со прикажување на филмовите ќе почнува во 19.00 часот. Детската програма во четврток и петок ќе ја следат деца организирани од основните училишта, а во сабота детската програма ќе почнува во 12 часот и ќе биде отворена за сите заинтересирани.

Анимакс Скопје фест“ е во организација на продуцентската куќа „Аурипигмент“, во соработка со здружението на граѓани Креативен центар „Тинтири-Минтири“ од Скопје, со поддршка од Агенција за филм на Република Македонија, град Скопје и ФX3X, а во соработка со Кинотека на Македонија и МКЦ.

Анимакс Скопје фест“ е прв фестивал на анимиран филм во Македонија. Цел на фестивалот е подигање и градење на културата во поглед на изработка на анимирани филмови, за возрасни и деца, кои презентираат различни аспекти од секојдневниот живот.



Врати се горе ↑