Аудио

30 јули, 2017

„Бог и јас“, новиот проект на Андријана Јаневска на 4 август во Њујорк

Андријана Јаневска уште во март годинава најави нов албум и концерти во Пекинг и Њујорк, а проектот насловен „Бог и јас“ својата концертна промоција ќе ја доживее в петок, 4 август, во Њујорк. Станува збор за циклус од 10 песни за вокал, пијано, виолина и гитара. Имено, темите се во изведба на нејзината сестра, мецосопранот Николина Јаневска, на пијано свири младиот композитор Иван Еминовиќ, на гитара Драган Гиновски – Гино, а Андријана свири на виолина.

Целиот материјал е компониран и аранжиран од страна на Јаневска, а снимен е во студиото „Гиновски“. Една од десетте песни е веќе објавена на Јутјуб, а темата насловена „Ninje Otpushchaeshi“ можете да ја слушнете во продолжение.

После концертот во Големото јаболко, Андријана продолжува во кинеската престолнина, каде што ќе има и свои концерти во малку проширен, бендовски состав. „Ова лето ми е повеќе работно, но се водам по изреката ‘работи го тоа што го сакаш и нема да работиш ниту еден ден’“, вели музичарката, која неодамна стана доцент на Факултетот за музичка уметност, а во изминатиов период беше актуелна и со насловната тема од краткометражниот филм „Hyro“, како и со соработката со грчкиот музичар Апостолос Стефанопулос за темата „Деца на сонцето“.

„До соработката дојде на покана на Стефанопулос. Тој ми напиша дека има текст што сака да го преточам во музика. Уште додека го читав текстот, паралелно ми доаѓаше во глава мелодиската линија зашто самиот текст беше инспиративен. Тој посака да чуе како ќе звучи песната и на македонски, па направив и препев. Иако песната е ‘стара’ само неколку месеци, веќе има преработка, и тоа од грчкиот познат пејач Петрос Гаитанос. Со Апостолос подготвуваме и други песни кои сè уште се во фаза на работа“, заклучи таа.



Врати се горе ↑