Свет

25 февруари, 2019

„Боемската рапсодија“ со најмногу награди, „Зелената книга“ најдобар филм на 91. Оскари

Биографскиот филм за легендарниот Фреди Меркјури, „Боемска рапсодија“ собра најмногу награди на вчерашното 91. доделување на академските филмски награди, победувајќи во четири од вкупно петте категории во кои беше номиниран. Сосема очекувано, Рами Малек е добитник на Оскарот за најдобар актер во главна улога, а со престижната златка статуетка се закитија и тимовите што работеа на монтажа и на микс на звук, како и на монтажата на самиот филм.

 

Насловен по водичот за афроамерикански патници (The Negro Motorist Green Book), кој се користеше во САД во периодот меѓу 1936 до 1966 година, а го осмисли и издаде поштарот Виктор Хуго Греен, биографскиот филм „Зелената книга“ ја доби главната награда за најдобар филм, како и за најдобро оригинално сценарио, а Махершала Али го доби својот втор Оскар за најдобар актер во споредна улога. „Зелената книга“ е врз основа на вистинска приказна за афроамериканскиот класичен и џез-пијанист Дон Ширли (Махершала Али) и неговиот шофер и телохранител Тони Валелонга (Виго Мортенсен), во режија на Питер Фарели.

 

По три награди освоија и филмовите „Ромаи Црниот пантер“. Мексиканската драма на Алфонсо Куарон му ги донесе наградите за најдобра кинематографија, најдобар филм на странски јазик и за најдобра режија, а „Црниот пантер“ се закити со признанијата за најдобар дизајн на костими, најдобар дизајн на продукција и за најдобра оригинална музика за композиторот Лудвиг Горансон.

 

Сосема очекувани беа и победите во категориите за најдобри актерки во главна и во споредна улога, кои отидоа во рацете на Оливија Колман за „Фаворитот“ и Реџина Кинг за „Ако улицата ’Бил’ можеше да зборува“, а за најдобра оригинална песна беше прогласен хитот „Shallow“ од „Ѕвездата е родена“, носејќи им го на Лејди Гага, Марк Ронсон, Ентони Росомандо и Ендру Вајат првиот Оскар. Популарната пејачка и актерка, која беше номинирана и во категоријата за најдобра актерка во главна улога, заедно со колегата Бредли Купер имаше одличен настап на сцената во театрот „Долби“ во Лос Анџелес.

 

Иако немаше официјален водител, манифестацијата помина навистина одлично. Честа да ја отворат вечерта им припадна на легендарните „Квин“ и Адам Ламберт, кои имаа фантастичен настап изведувајќи ги безвременските „We Will Rock You“ и „We Are The Champions“, а подоцна ги слушнавме и четирите од вкупно петте песни што беа номинирани во категоријата за најдобра оригинална песна. Меѓу нив беше и оскаровката Џенифер Хадсон со темата „I’ll Fight“ од документарниот филм за американската врховна судијка Рут Бејдер Гинсбург, легендарната Бет Мидлер ја отпеа „The Place Where Lost Things Go“ од „Мери Попинс се враќа“, а Дејвид Ролингс и Џилијан Велч настапија со „When a Cowboy Trades His Spurs for Wings“ од филмот „Балада за Бастер Скрагз“. Раперот Кендрик Ламар и Сиза, кои ја снимија номинираната „All The Stars“ за „Црниот пантер“, одбија да настапат на доделувањето.

 

Сè на сè, уште едно одлично доделување на академските филмски награди, а победниците во сите категории можете да ги видите на официјалната веб-страна на Оскарите.

И.Ј.



Врати се горе ↑