11 ноември, 2015

Боби Мојсоски конечно со нов сингл и видео запис

По завршувањето на вицешампионската позиција во суперфиналето на регионалниот „Х фактор, фановите на охриѓанецот Боби Мојсоски со нетрпение ја очекуваа неговата нова песна, која пејачот ја најави во септември годинава. Денеска конечно желбата им се оствари бидејќи темата насловена „Погледни во мене“ конечно ја доживеа својата премиера!

Автори на песната се Јован Василевски, кој се потпишува на музиката и аранжманот, а стиховите се дело на самиот Мојсоски. За екранизацијата на оваа тема Боби одлучи сепак да ја продолжи соработката со проверениот тим, така што и овој видео запис е под режисерската палка на Даниел Јовески, а друштво му прави една од најубавите македонски модели – Иларија Кирилов.

Со оглед на тоа што за време на „Х фактор“ охриѓанецот ги освои симпатиите и на фановите ширум целиот Балкан, за неговата публика надвор од Македонија Боби ќе претстави и верзија на српско-хрватки јазик, а како звучи и изледа „Погледни во мене“ можете да погледнете горе.

Само за потсетување, покрај успехот на „Х фактор“, охриѓанецот, меѓу другото, зад себе ја има и победата на реномираниот интернационален фестивал „Славјански базар“ во Белорусија, каде во 2012 година се закити со наградата Гран при, што досега му успеало само на уште еден македонски пејач – Тоше Проески.

Сите информации и новости за Мојсоски отсега ќе можете да ги пронајдете и на неговата официјална веб страна www.bobimojsovski.com!

И.Ј.



Врати се горе ↑