Балкан bobi-mojsoski

20 април, 2015

Боби Мојсоски дефинитивен фаворит на „Х фактор“

Во вчерашната петта епизода од „Х фактор“ ги погледнавме и последните аудиции за годинава, а се чини дека меѓу најголемите фаворити во оваа сезона и понатаму се токму Македонците. Меѓу првите аудиции вчера имавме можност да уживаме со прекрасниот настап на нашиот Боби Мојсоски, кој докажа дека Македонците и овој пат ќе им бидат главна конкуренција на останатите кандидати. Талентираниот охриѓанец, кој зад себе веќе има низа успеси, како на домашен така и на интернационален терен (после Тоше Проески, тој е вториот Македонец кој победил на интернационалниот фестивал „Славјански базар“ во Белорусија), се претстави со моќната балада „Bed of Roses“ од „Бон Џови“, а жирито имаше само пофални зборови за неговата беспрекорна интерпретација и вокал „чист како езеро“.

 

Покрај Боби, уште едно познато лице од нашата сцена е и скопјанецот Јасмин Алиевски, кој во 2012 година настапи на „Макфест“ со темата „Далеку од тебе“, а следната година со видео запис ја претстави и песната „Сакам да заборавам сè“. И покрај тоа што жирито го препозна неговиот талент и го пофали неговиот вокал, веројатно тремата си го направи своето и Јасмин имаше проблеми со интонацијата, па членовите на жирито му порачаа да се врати следната година.

 

Братско-сестринското дуо составено од Никола и Стефанија Дукоски од Прилеп се претстави со песната „Say Something“ од „Грејт биг ворлд“ и Кристина Агилера, но успеа да го воодушеви само Тончи, кој инсистираше колегите да им дадат шанса, така што со четири потврдни одговори Никола и Стефанија ќе ги видиме и во следната фаза од натпреварот.

 

Втора шанса доби и штипјанката Натали Зеринска, која студира соло пеење, а се претстави со познатата „I Put a Spell On You“. И покрај тоа што Александра, Тончи и Жељко сметаа дека нема добро да се снајде во водите на поп музиката, сепак Масимо инсистираше да и дадат уште еднаш шанса. Кога Натали се врати на сцената, ја отпеа „Sweet Dreams“ од „Јутирмикс“ и успеа да ги премисли останатите членови на жирито, добивајќи ги сите 4 потврдни одговори.

 

Останатите аудиции од вчерашната епизода можете да ги погледнете во продолжение, а веќе в недела ќе започне да се емитува следната фаза од натпреварот наречена „регрутен камп“, во која бројот на кандидатите ќе биде преполовен. На самиот почеток членовите на жирито ќе добијат улога на ментори на секоја од четирите категории: девојки до 27 години, момчиња до 27 години, вокални групи и постари 27 години, а потоа ќе следи „предизвикот на 6 столчиња“, кога Жељко, Александра, Тончи и Масимо ќе мораат да ги одберат шесте најдобри од својата категорија. Тоа дефинитивно ќе биде еден од најинтересните и највозбудливи делови од натпреварот бидејќи никој не е безбеден! Се надеваме дека свое место ќе си обезбедат сите наши натпреварувачи, меѓу кои и Алмир, Марија, Давид, „Спарклс“ и браќата Спасиќ.

И.Ј.



Врати се горе ↑