18 октомври, 2016

Боби и Даниел ја преработија „Игри без граници“ во чест на Тоше

По повод 9-годишнината од смртта на легендарниот македонски пејач и музичар Тоше Проески, кој трагично го загуби животот во сообраќајна несреќа на 16 октомври 2007 година, неговите помлади колеги Боби Мојсовски и Даниел Јовески направија преработка на еден од неговите последни хитови, „Игри без граници“.

Аранжманот, аудио и видео продукцијата се на Јовески, кој заедно со Ристе Филипов застана и зад камерата, а придружните вокали ги отпеаја Климент Стојаноски, Ристе Балевски и Анита Мицова. Видео записот се снимаше во студиото на Дарко Димитров во Скопје, студиото „Састејн ентертејнмент“ (Sustain Entertainment) во Охрид, како и во родниот град на Проески, Крушево.

za-tose

„Не можам да го опишам чувството кога помислувам на Тоше Проески, најголемиот човек кој некогаш се родил во оваа земја. Кога помислуваш на љубов, на светлина, на спокој и сите најубави човечки особини, тоа е Тоше. Ми беше чест што учествував во овој проект, заедно со Даниел Јовески и во негова чест, ја посветуваме оваа преработка на ’Игри без граници’. Да покажеме дека Тоше Проески ќе живее секогаш во нас и ќе учиме од него за сите најдобри човечки особини и музички квалитети“, изјави Мојсовски.

„Се потрудив малку музички да го изменам аранжманот на некој свој емотивен начин за така да му оддадеме почит дека неговите останати страници сепак не се толку празни и неиспишани… И покрај тоа што идејата за проектов се појави само неколку денови пред годишнината од неговата смрт, нашата желба и упорност беа преголеми и се обидовме на овој начин, со наша искрена емоција да искажеме огромна почит кон него, за да испишеме уште една страница од многуте празни кои тој ни ги остави…“, додаде Јовески, а како звучи и изгледа сето тоа можете да погледнете горе. Уживајте!



Врати се горе ↑