Интервју bobby

5 ноември, 2012

Боби Андонов: „Тоше е мојата најголема инспирација!“

Го знаеме уште како дете, кога пееше на детскиот музички фестивал „Златно славејче“ во Скопје. Уште повеќе го паметиме кога ја претставуваше Македонија на детската Евровизија во 2008 година. Сега Боби Андонов е веќе младо момче кое пишува, пее и продуцира музика, а во меѓувреме е и фото модел. РадиоМк ја има честа и задоволството ексклузивно да дознае што подготвува ова младо и талентирано момче Македонче.

  • Боби, живееш и твориш во Австралија, но по потекло си Македонец. Колку често доаѓаш во Македонија?

Во Македонија сум бил неколку пати, но дефинитвно би сакал да дојдам колку што е можно поскоро. Многу ми се допаѓа кога сум таму.

  • Започна да пееш кога беше многу млад. Во кој момент сфати дека музиката е она со што сакаш да се занимаваш и да биде твоја главна преокупација во животот?

Тоа беше кога имав 9 години и бев дојден во Македонија за време на празниците. Бевме во посета на моите роднини во родниот град Струмица, каде што целото семејство ме охрабруваше да пеам на свадби, но единствениот начин за да ме убедат во тоа беше кога татко ми ми плати 100 денари. (се смее)

  • Какво е твоето искуство од „Австралија има талент“?

Беше прекрасно да се биде дел од едно такво телевизиско шоу и уживав во секој момент, од настапувањето на сцена до дружењето со фановите секој ден. Дефинитивно тоа беше отскочната даска што ми помогна да остварам соработка со прекрасни автори и продуценти во Австралија и Америка.

  • Со одличната избедба на песната „Hallelujah“ сите присутни ги остави без текст. Каков тип на песни преферираш да пееш? Сензуални балади или нешто подинамично?

Пеењето на балади е дефитивно тоа што го преферирам и навистина уживам во тоа, но пеејќи ги и рефрените од тие големи рок химни е нешто што многу го сакам, а малку лудување никому не наштетило, хахаха!

  • Покрај пеењето, ти исто така ги пишуваш и текстовите на повеќето од твоите песни. Што те инспирира најмногу?

Што ме инспирира кога пишувам… тоа се секојдневните ситуации, од оние расправии со девојката, до набљудувањето на други љубовни врски. Понекогаш и кога седам на пијаното и го вклучувам телефонот да снима, па почнувам да пеам зборови кои ми извираат од срцето, чувствувајќи ги нотите од акордите на пијаното.

  • Што слуша Боби? Кои се твоите омилени артисти?

Хм… Во моментов ги слушам „Колдплеј“, Принс, Стинг, Ријана и Џастин Бибер, но кога би морал да изберам, мојот омилен бенд во моментов е „Колдплеј“.

  • Кога би имал можност, со кој би соработувал или би отпеал дует?

Ако имам можност, би сакал да соработувам со Канје Вест или „Колдплеј“, а кога е во прашање дует, би запеал со Адел.

  • Популарен си и во Бразил. Дали си бил поканет да настапуваш во друга земја, покрај Австралија и Македонија?

Да, неодамна бев во Лос Анџелес и настапив со неколку мои оригинални песни пред клучни луѓе од американската музичка индустрија, а тоа беше момент од мојот живот кој никогаш нема да го заборавам. И можам да најавам дека во одреден период од следната година ќе се преселам во Лос Анџелес.

  • Кога добро познатиот американски пејач Ашер правеше турнеја во Австралија, ти имаше можност да се запознаеш со него во Сиднеј. Дали договоривте некаква соработка со него?

Хахахаха… Ашер е мојот идол од детството, а кога се запознав со него, ми даде одлични совети во однос на кариерата и тоа беше сè.

  • На твојата официјална веб страница има многу убави фотографии од тебе. Како се чувствуваш пред објективот на камерата?

Ти благодарам! Се чувствувам многу удобно пред камерата и мислам дека е многу важно да се чувствувам така, бидејќи сум уметник кој секојдневно е на мета на медиумите.

  • Покрај тоа што си музичар, си се „прошетал“ и на модните писти.

Да, работам и како модел во изминатите година и половина, навистина уживав во тоа, но сепак најмногу сум фокусиран на мојата музика и подготовката на албумот.

  • Твојата единствена песна на македонски јазик беше евровизиската „Прати ми СМС“. Би запеал ли повторно на нашиот јазик? Можеби македонска верзија на твојот најнов сингл „Ready When You Get Here“?

Хаха, се разбира! Дефинитивно би сакал да испеам неколку песни на македонски, можеби и цел албум.

  • Дали можеме да очекуваме концертна турнеја наскоро и во Македонија?

Се надевам наскоро, многу би сакал да се вратам во текот на летото, но ќе видиме што ќе се случи.

  • По твојот настап на „Златно славејче“, би запеал ли на некој друг македонски фестивал, на пример „Макфест“?

Да, со задоволство, се надевам кога ќе се вратам во Македонија.

  • Иако беше многу малечок, имаше можност да уживаш пеејќи со најсветлата ѕвезда од македонското небо, Тоше Проески. Кои се твоите сеќавања и импресии од тој настан?

Тоа е момент од мојот живот кој никогаш нема да го заборавам. Тоше Проески е причината заради која почнав да пеам и тој е мојата најголема иснпирација.

  • Имаш ли хоби? Што уживаш да правиш во слободното време?

Да, имам. Пред да почнам да пеам, многу играв тенис и сè уште играм со мојот брат Дејвис. Исто така одам на кик-бокс и вежбам.

  • Имаш ли некој посебен вкус за девојки? Какви девојки ти се допаѓаат?

Хахаха, ги сакам сите девојки.

  • Дали е Боби вљубен?

Сè уште не, но можеби во иднина.

  • Како можат да те најдат и контактираат твоите фанови за да ти кажат што би сакале следно да чујат и видат од тебе?

Па, можат да ме контактираат на мојот профил на Твитер, или на мојата фан страница на Фејсбук и на мојот канал на Јутјуб.

  • Боби, ти благодарам многу за времето што го одвои за нас, уживавме во интервјуто што ни го даде. Дали би сакал да им порачаш нешто на твоите фанови во Македонија?

Би сакал само да кажам благодарам на сите кои ме поддржуваат и многу го ценам тоа, па се надевам дека наскоро ќе се видиме на концерт во Македонија. Сите Ве сакам!!!

Ивона Јанкова



Врати се горе ↑